Scupini Romani од Македонија ќе биде претставен на меѓународен фестивал во Бугарија
Објавено во: Мои пари 11 Август, 2017
Scupini Romani, брендот со кој целосно се реконструира животот на старите Римјани, утре ќе биде претставен на меѓународниот антички римски фестивал „Нике – играта и победата” во Бугарија. Scupini Romani е бренд на „Хаемус“ - центар за научно истражување и промоција на културата од Скопје. Се состои од мноштвоподвижни ескпонати (керамика, облека, накит, плетени предмети, сувенири) кои се дизајнирани по нарачка и рачно изработени од уметници, занаетчии и артизани по инспирација од богатото културно наследство од римскиот период откриено на територијата на Република Македонија. Концептот на SCUPINI ROMANI е променлив во зависност од околностите и може да биде организиран како амбиентална поставка, подвижна изложба или фестивал со живи учесници.
Античкиот римски фестивал во Бугарија ќе се одржи на територијата на древниот римски град и археолошки резерват „Никополис ад Иструм“. На фестивалот ќе бидат претставени ритуали кон римските божества, античка мода, храна, занаети, монетоковање, изложба на постери и др. Scupini Romani ќе биде дел од двата најважни настани од животот на градот низ вековите кои ќе бидат визуелизирани од страна на 150 учесници на групи за реконструкција на античкиот Рим од Романијa, Унгарија, Македонија и Бугарија.
- Нашата држава има силни врски со античката римска култура бидејќи територијата на Македонија со векови била дел од Римското царство. Но, наместо нашето наследство да го промовираме со статични музејски поставки, одлучивме претставувањето на Scupini Rmani да го правиме преку меѓународни фестивали кои секаде го привлекуваaт вниманието на јавноста – изјави Василка Димитровска, директор на „Хаемус“.
Првото издание на фестивалот на древната римска култура Scupini Romani во земјава се одржа минатата година во Скопје. Тогаш посетителите видоа како изгледал древен римски град, дегустираа храна од тој период, се запознаа со облеката и накитот што го носеле древните Римјани, садовите што ги користеле, како и со занаетите што ги практикувале.