СДСМ: Секој што правел криминал ќе одговара, напразно ВМРО-ДПМНЕ бара утеха
Објавено во: Македонија 18 Февруари, 2017
Груевски и криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ напразно бараат утеха, секој кој правел криминал ќе одговара, реагираат од СДСМ на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека близок соработник на нивниот лидер вчера бил уапсен.
- Граѓаните избраа промени и правда и тоа никој нема да го спречи. Никола Груевски и криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ може да се обидуваат да најдат оправдувања за својот криминал, но тоа нема ништо да смени.
Македонија ќе биде правна држава. Секој кој правел криминал ќе одговара“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција обвинуваше дека СДСМ го промовира криминалот.
- Аболицираниот криминалец Зоран Заев и злосторничкото здружение во врвот на партијата го претворија СДСМ во промотор и заштитник на криминалот. СДСМ е дувло и синоним за криминалот. Вчера полицијата приведе уште еден соработник на Зоран Заев поради трговија со кокаин.
Човекот кој со Заев се сликаше по кафеани си формирал група со која што го затрупувале Скопје со дрога. Од таа дрога децата во Скопје се труеле, а луѓето на Заев се богателе, посочи Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Полицијата го приведе и изведе пред суд С.Р. брат на поранешен функционер на СДСМ поради сомнежи за трговија со дрога.