СДСМ: Со новата Стратегија на ЕУ ќе се зголемат фондовите
Објавено во: Македонија 07 Февруари, 2018
Според владејачката партија СДСМ новата Стратегија на ЕУ за проширување на Западен Балкан е позитивен сигнал за Македонија.
„Македонија направи значаен напредок во својот европски пат, со што се потврдува успешноста на политиките на Владата предводена од СДСМ во спроведувањето на реформскиот процес. Изразената подготвеност на Европската комисија да даде препорака за почеток на преговорите за членство, врз основа на исполнети услови, се признание за напорите на Република Македонија и претставуваат охрабрување за дополнителни резултати во клучните области“, наведуваат од владејачката партија.
Оттаму потенцираат дека Стратегијата обезбедува и конкретни придобивки за граѓаните и бизнис-заедницата.
„Зголемувањето на фондовите за Еразмус плус за патување и студирање, отворањето нови фондови за почнување бизниси, отпочнувањето на процесот на создавање Енергетска унија меѓу ЕУ и Западен Балкан, зголемувањето на бројот на проекти за патна и железничка инфраструктура, како и идното етапно покачување на претпристапната помош преку ИПА фондовите, се дел од придобивките што следуваат во евроинтеграцискиот процес на Република Македонија“, стои во соопштението.
Од СДСМ истакнуваат дека напредокот на Македонија во процесот на интеграција е заеднички успех на целата држава, на институциите, политичките партии, заедниците и на сите граѓани на Република Македонија и претставуваат дополнителен мотив за уште попосветено спроведување на реформскиот процес.