СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ нема никаков кредибилитет да зборува за Градскиот трговски центар ниту пак за градот Скопје
Објавено во: Македонија 17 Февруари, 2018
За едните ГТЦ „умира“, за другите полека оживува.
На „нападот“ од страна на опозициската ВМРО - ДПМНЕ за автобуската постојка каде што ќе застанува автобусот со број 50, се огласи СДСМ по музичкиот спектакл кој што беше приреден по повод враќањето на животот на ГТЦ со новата постојка за „50“, како што кажа градоначалникот Шилегов..
„Очигледно ВМРО-ДПМНЕ не може да поднесе што ГТЦ повторно им се враќа на граѓаните, на дуќанџиите, што новата димензија на овој објект ќе значи повеќе зеленило и враќање на неговата автентичност.
ВМРО-ДПМНЕ нема никаков кредибилитет да зборува за Градскиот трговски центар ниту пак за градот Скопје.
Со години ВМРО-ДПМНЕ го запоставуваше ГТЦ, додека околу него потроши стотици милиони евра пари на граѓаните за лажен барок и споменици, само за остварување на нечии криминални интереси.
Речникот со којшто ВМРО-ДПМНЕ се обраќа кон јавноста, преку лош хумор, потсмевајќи им се на граѓаните, уште еднаш потврдува дека оваа партија не може да го пронајде својот политички курс. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ се уште функционира по матрицата којашто 10 години ги газеше интересите на граѓаните.
Јавноста се уште памети како ВМРО-ДПМНЕ спротивно на интересите на граѓаните сакаше да го уништи ГТЦ со барок, само за да оствари уште некој криминален тендер. ГТЦ е спасен и повторно им се враќа на граѓаните“ се вели во соопштението на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, овој проект го прогласија за бламажа.