24 Април, 2024
0.0241

Се информиравме за сè што се случуваше, но дали разбравме што се случи?

Објавено во: Колумни 29 Април, 2013

Добивај вести на Viber

Во изминатите десеттина дена се изнаслушавме  вести и информации за рекордите во паѓање на цената на златото. Паднаа и бројни совети за љубителите на златен накит и други производи што да прават кога цената вртоглаво паѓа.  Во големи дилеми се најдоа и инвеститорите во злато и златни рудници. Дали и натаму да продаваат или е момент да почнат да купуваат? Прогнозите се дијаметрално спротивни. Едни укажуваат дека цената и натаму ќе паѓа, дури и до 800 долари за унца, а други веќе сугерираат дека цената ќе се стабилизира на денешните нивоа од 1400-1500 долари за унца. А што и да се случи, или првите или другите ќе бидат во право, односно ќе погрешат во прогнозата. Прогнозите се темелат врз оценката на движењата на понудата и побарувачката на злато, како стока, бидејќи тоа е исфрлено од меѓународниот монетарен систем како стандард на вредностите. Таа улога, главно, ја презедоа доларот, еврото и јенот, меѓутоа, тие не се покажаа како средства кои одржуваат стабилна вредност, бидејќи, поради различни причини, се подложни на манипулации, вклучувајќи и печатење на огромни количини долари, евра и јени, што не е можно во услови на систем на стоковни валути (злато и/или кошница од стоки, вклучувајќи го и златото). Во причините за паѓањето на цената во прв план се најдоа најавите за продажба на голем дел од златните резерви од Кипар и од други земји со цел да ги надминат националните должнички кризи. Стравот дека поголемата понуда на пазарот ќе предизвика паѓање на цената на златото  поттикна и други инвеститори во злато што побрзо да ги продадат своите златни активи за да ги избегнат загубите. Така зголемената понуда на пазарот  уште повеќе го забрза паѓањето на цената дури и до 1356 долари за унца. Ваквиот тренд во движењето на цената на златото беше оценет  како добра работа, со оглед на тоа што предизвика и паѓање на цените на најзначајните суровини, вклучувајќи ја и цената на нафтата, а тоа може да придонесе  за забрзување на стопанските активности. Набрзо ќе се покаже дали цените на суровините паднаа поради замислениот паритет со златото или од други причини, вклучувајќи го и бавното заздравување на најразвиените економии во светот. Јасно е само дека побрзото заздравување ќе повлече пораст на цените на суровините. Тогаш ќе се покаже дали и паѓањето на цената на златото беше резултат на „издишување“ на ценовен балон, на што многумина укажуваа уште во екот на порастот на цената на златото до 1920 долари за унца. По неколку дневната паника на пазарот дојде до пресврт, па цената за унца злато (околу 31 грама) се поврати до 1470 долари.  За брзото опоравување на цената на златото големо влијание одигра и општата клима на релаксирани монетарни политики на САД,  на земјите од еврозоната и на Јапонија. Со политика на печатење на долари САД настојуваат да го поттикнат производството и да ја намалат невработеноста до 6,5%. Со печатење на евра земјите од еврозоната настојуваат да избегнат банкроти на одделни држави и да ја решат должничката криза во нив. Јапонија, најотворено, поради долгогодишната дефлација во економијата, пристапи кон печатење на јени со намера за две години да оствари пораст на цените од 2%. Меѓутоа, во САД и во Европа веќе има пораст на цените од околу 2%. Инвеститорите, со право, во зголемената ликвидност на најзначајните резервни валути препознаа опасност од натамошен пораст на цените во националните економии и на глобално ниво, од опаѓање на нивната вредност и загрозување на вредноста на девизните монетарни резерви од долари, евра и јени. И не случајно се вели дека опасноста од инфлација е добар знак за пораст на цената на златото. А практична потврда за тоа дава и поинтензивното купување на злато од страна на централната банка на Јапонија, што секако придонесе во запирањето на паѓањето на цената на златото. Впрочем, најзначајни купувачи на злато се централните банки. Бурните настани во врска со златото јасно покажаа дека и покрај неговото формално-правно истиснување од меѓународниот монетарен систем, тоа се‘уште има фактичко значење како мерка на вредноста и мерило на цените (постои силна врска меѓу цената на повеќе суровини, особено на нафтата, и на златото) и како значајно прибежиште за зачувување на вредноста на заштедите на населението и на стопанските субјекти. Факт е дека, исфрлено од монетарниот систем, тоа е значително поподложно на манипулации на пазарот, како и сите други стоки. Но она што исто така е непобитен факт е дека дури и како стока исфрлена од монетарниот систем , златото секогаш ја наоѓа реалната вредност во однос на другите стоки, вклучувајќи ја и вредноста на најсилните валути. Токму затоа и се бара  да се создаде глобална валута чија вредност би се утврдувала во злато или во кошница на повеќе стоки, вклучувајќи го и златото, а притоа да се истиснат националните валути во функција на светски пари. Без таква реформа на меѓународниот монетарен систем и натаму ќе присуствуваме на порасти и паѓања на цената на златото како стока,   но со поизразени чувства. Повторно ќе се информираме што се случува на пазарот на злато (каде секогаш ќе има добитници и губитници), а ќе се избегнува да се расправа за креирање на глобална валута (поради незаинтересираноста на најразвиените земји), со која треба да се елиминира практиката нивните национални проблеми да ја потресуваат светската економија. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок