20 Април, 2024
0.0272

Сo последни сили се гледа крајот на кампањата

Објавено во: Анализа 26 Октомври, 2017

Добивај вести на Viber

Уште денес и утре политичарите ќе имаат можност пред граѓаните да им ги претстават своите ветувања за тоа како планираат да ја водат нивната општина, на што ќе се фокусираат во четиригодишниот мандат, но и секако шанса да го нападнат партискиот противник. 

ВМРО-ДПМНЕ се обидува да спаси колку толку од изборите и на своето конто да додаде уште некој градоначалник. Во игра се Штип и Кавадарци меѓу поголемите градови во Македонија, а во Скопје најголема шанса полагаат на општина Гази Баба со тоа што не се помалку ажурни ниту во Бутел и Кисела Вода. Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ и натаму продолжува со засилени обвинувања за масовен притисок врз своите членови од страна на власта која им фали уште малку за да ја наречат „Режимот на Заев“ како што тоа претходната опозиција милуваше да го каже за Груевски. ВМРО-ДПМНЕ како опозиција продолжува и со редовните прес конференции со кои може да конкурира во Гинисовата книга на рекорди како партија со најголем број на обраќања кон медиумите на дневна основа. 

СДСМ пак, како да е на власт неколку години, покажува голема самодоверба и Заев води многу позитивна кампања, речиси ретко и да ги споменува противкандидатите давајќи им на граѓаните надеж за „враќање на живот“, работа на проекти кои нив им се важни и нормализирање на односите во општеството што треба да обезбеди напредол. Недостиг на кампањата на СДСМ во овој период е што очигледно е дека популарноста на Заев како премиер и лидер на партија е многу повисока од таа на кандидатите, но можеби токму тој апел кон граѓаните ќе има одново позитивен ефект во вториот круг од локалните избори. 

Груевски и Заев ја „изораа“ речиси цела држава, особено во вториот дел од кампањата каде многу поважни се помалите населени места кои најголемо внимание секогаш добиваат токму пред избори со традиционалните ветувања дека ќе им се асфалтира патот, ќе се догради канализацијата и ќе им се пушти квалитетен водовод. Гласовите во вториот круг поради различните комбинаторите се многу важни, па така секое место кое е посетено се надева дека токму овие избори ќе бидат клучни за решавање на вечните проблеми.

Кампањата за локалните избори вкупно досега трае веќе пеесетина дена со што видливо е и повторувањето на истите слогани, истите ветувања, истите формулации и флоскули што може да ги загрижи граѓаните дека не се препознаени нивните специфични потреби. Со финиширањето на вториот круг во недела конечно и општеството ќе може зад себе да го остави целиот политички процес на кампањи, партиски спротиставувања, скандали и обвинувања и полека да се фокусира кон стабилизација на државата, како и многу работа за решавање на сериозните проблеми за кои речиси и да нема простор во јавната дебата поради огромната контаминација со дневна политика.

Автор: Христијан Станоевиќ


Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!