Се продава „Славија“
Објавено во: Економија 23 Ноември, 2012
Агенцијата за управување со одземен имот ќе ја отпочне постапката за продажба на АД „Славија“, која е акционерско друштво каде 98 отсто сопственост и управувачки пакет има акционерот -Агенцијата за управување со конфискуван имот, чиј основач е Владата, беше соопштено денеска.
„Сопствеништвото, како и управувачкиот пакет над акциите на Славија е пренесено на Агенцијата при конфискацијата на 4.285 акции од лицето Кирил Кочовски, врз основа на правосилна судска пресуда за сторено кривично дело и решение за конфискација. Според истата пресуда Кочовски ја оштетил Република Македонија за 97.612.997 денари“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. Според проценките на Бирото за судски вештачења, имотот на АД „Славија“ што го поседува друштвото изнесува околу 25 милиони евра, додека како што посочи Ѓорѓиев, обврските на друштвото за платите за вработените, кон доверителите, кон државниот ФПИОМ и сите останати се околу 17 милиони евра. Од Владата очекуваат дека Славија брзо ќе биде продадена, а како што најави владиниот портпарол, по завршувањето на сите постапки акциите ќе бидат продадени на берза за што јавноста дополнително ќе биде известена.