СЕ ЗАТВОРА УШТЕ ЕДНА ВРАТА: Нема повеќе оружје од Германија за Турција?
Објавено во: Свет 21 Јули, 2017
Германската влада одлучи да ги замрзне испораките на оружје за Турција поради судирот меѓу двете земји околу почитувањето на човековите права, пишува денеска германскиот весник Билд.
„Владата ги замрзнува сите испораки наменети за Турција“- пишува весникот.
Доколку се точни тврдењата на Билд, тоа ќе значи нова ескалација на тензиите меѓу двете сојузнички од НАТО.
Петер Алтмаер, еден од најблиските соработници на канцеларката Ангела Меркел, не сакал ни да ги потврди ни да ги демантира информациите, но не исклучил нови мерки против Турција по вчера воведените економски санкции.
Германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле ја спореди Турција со комунистичка Источна Германија поради апсења на луѓе и непочитувањето на минимумот конзуларни стандарди.
„Ме потсетува на тоа како беше во Источна Германија. На сите кои патуваа таму им беше јасно: ако нешто ти се случи, никој не може да ти помогне“- вели Шојбле.
Германија од почетокот на 2016 година, а особено по неуспешниот пуч во Турција во јули минатата година, блокирала 11 испораки на „огнено оружје, муниција и делови за вооружување“ наменети за Турција, затоа што верува дека би биле искористени за репресија врз противниците на власта.
Германија вчера ги предупреди своите граѓани да не патуваат во Турција, и се закани со блокирање на инвестициите и увозот, како и пристапот на Турција до европските фондови.
Од вчера Германија презема три мерки кои се своевидни санкции за Турција. Германската Влада повеќе нема да дава гаранции за инвестициски кредити за Турција, а заедно со европските партнери ќе се преиспита и претпристапната помош на ЕУ на Турција.
Третата и најважна мерка, која најмногу ќе ја погоди Турција како туристичка земја, е безбедносното предупредување на Министерството за надворешни работи до граѓаните на Германија кои планираат да отпатуваат во Турција.