28 Март, 2024
0.0450

Се зголемува органското производство во Македонија, купувачите уверени во квалитетот

Објавено во: Агробизнис 24 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Македонските земјоделци мора да го искористат потенцијалот на органските производи со тоа што ќе ги исполнат европските и светските стандарди и на храната ќе и додадат поголема цена и вредност, бидејќи тоа го бара меѓународниот, но и домашниот пазар.

Како што велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), македонското органско растително производство засега најмногу може да понуди житни култури, фураж, грозје и ароматични лековити растенија, додека во органското сточарство, предничи овчарството. Сертификати може да се добијат од две тела кои се акредитирани и се гаранција.

- Вкупно 3.089 хектари под органско производство се регистрирани лани, а бројот на производители и оператори бил 481. Државната финансиска поддршка изнесувала 47.770.000 денари, информираат од Министерството.

Од минатата година субвенциите се зголемени за 30 отсто, а на производителите им се исплаќаат и дополнителни 50 проценти од трошоците за сертификација. Како резултат на тоа, според МЗШВ, зголемен е интересот за преминување од конвенционално во органско производство.

Според експертите, за развој на органското производство е неопходно постојано истражување, континуирана едукација и пред се, прилагодување кон побарувачката. Фокусот треба да се стави на руралните средини кои имаат голем потенцијал поради екстензивното традиционално земјоделство.

– Добро планирање, организирање, здружување, учење и постојано следење на трендовите, односно на барањата на потрошувачите се клучни за органското земјоделство, посочува професорката Рукие Агич од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Побарувачката за органски производи на светско ниво се зголемува со исклучително брзо темпо. Лани достигна 90 милијарди долари за разлика од 1999 година кога беше 15 милијарди. Најголеми потрошувачи се Швајцарија, Германија, Велика Британија, Луксембург и Данска, а најголем производител е Австрија. Побарувачката е голема и во САД и Канада.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство укажуваат, при купувањето македонски органски производи домашните потрошувачи да ја бараат националната ознака  – сонце околу кое вирее фиданка зашто само тие производи што на себе ја имаат ознаката се сертифицирани и гарантирано квалитетни, согласно стандардите за органско производство.

За повеќе информации околу органската храна, нејзиното потекло, карактеристики и продажба Организацијата на потрошувачи на почетокот од месецов ја промовираше веб страницата www.organskisvet.mk, изготвена во соработка со Министерството за земјоделство.


Можеби ќе ве интересира

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи