22 Ноември, 2017
2.3061
    ALK 7231.17    -1.62%     BESK 10300    0%     GRNT 808.46    0.93%     KJUBI 1400    0%     KMB 2697.06    -0.11%     MPT 26306.88    -2.2%     OKTA 2530    -8.1%     RMDEN14 92.2    -2.95%     RZLV 45    0%     RZTK 450    1.81%     RZUS 106    -3.64%     SBT 1987    -9.86%     TNB 13500    0%     TPLF 1605.19    -0.11%     TTK 803.72    -1.5%     ZPKO 2601    0.04%

Седум причини зошто е тешко да се биде Заев во ова време

Објавено во: Колумни 01 Ноември, 2017

Да се биде револуционер можеби е лесно – но, што по неа? Навистина, сите сонуваме, ја бараме, посакуваме, се бориме за слободата...но понекогаш не знаеме што да чиниме, токму во мигот кога ќе ја добиеме. 

Ете, и тоа бидна, после скоро 12 години, ВМРО-ДПМНЕ е на колена, прегазени како шлепер, жаба, со еден од најубедливите порази што ги има доживеано било која партија во македонскиот политички плурализам до сега. Но веројатно ниту ВМРО, ниту СДСМ, во најлудите соништа не очекуваа вака убедлив пораз, т.е. вака убедлива победа. Дури и анкетите на СДСМ не го наговестуваа ова ни од далеку. Но, тоа бидна, овде не сум да продолжам да го хранам тоа чувство.

Затоа, толку околу еуфоријата! Како философ, отсекогаш сум инклинирал кон малцинството, многу често сум се приклонувал кон послабите и особено отсекогаш сум бегал од толпата. А толпата, толпата драги мои, овие денови е во еуфорија. Никој не е поштеден од неа, дури и оние кои мислиш имале најладни глави. Чиниш сите биле СДСМ, отсекогаш, СДСМ по роџење! И животот, ете го, само што не дошол! Ако не е веќе и овде! Јас подолго време сум неактивен на социјалните мрежи (со изгасени профили), но и без да сте активни на тие мрежи, можете да ја насетите еуфоријата што владее во воздухот. И затоа, она што во оваа колумна сакам да го направам е да ја расипам забавата. Оти философите тоа го прават, од нив ќарта не е сигурна, но штетата е загарантирана. Така што, ако сте од оние на кои сè уште им ѕвони еуфоријата во ушите, не го читајте овој текст. Но, ако сте „парти брејкери“, бујрум - да мислиме заедно. Оти после еуфоријата секако ќе треба да ја погледнеме реалноста. А реалноста е страшна! Да не би да го заборавиме тоа! Впрочем за ова ги сменивме овие досегашниве, зарем не!?

И од тие прични, не сакам да сум во кожата на Заев. Да се биде Заев - ако е умен, а сакам да верувам дека è - во деновите што следат, ќе биде ужасно тешко! Во оваа колумна ќе се обидам да се осврнам на причините за тоа. Сега за сега, ќе наведам седум:

Прво, на меѓународен план од него се очекува многу. Впрочем, голем дел од поддршката од меѓународната дојде токму заради вербата дека ќе ја врати Македонија на вистинскиот евро-атлански пат, од кој претходниве бааѓи беа застраниле. И тоа тој несомнено го прави и ќе продолжи да го прави. Но, тука почнува и проблемот. Дали да го прави само тоа, т.е. дали да биде „искористен“ еднократно, да ја „заврши“ работата што треба да ја заврши и тивко да замине, или да ја искористи историската шанса што ја има за темелно реформирање на оваа држава на внатрешен план? Ете го најголемиот предизвик. Зошто? 

Затоа што соочувањето со тој предизвик ќе значи соочување со „груевизмот“ и „вмровштината“ што овие ни ја оставија во наследство. А тоа што овие ни го оставија во наследство, всушност и ја одржува секоја партија на македонската политичка сцена во сите овие години независност, а тоа е партизираноста и заробената држава која главно е резултат на споеноста на партијата со државата. Заев ќе биде растргнат помеѓу партиското и политичкото. Од една страна, има „гладна“ партија која скоро 12 години е на „пост“, а од друга страна има огромен предизвик да направи merit based system - институции засновани на професионални заслуги. Од една страна има гладно партиско членство за функции и позиции, од друга страна има барања за квалитетно раководење со институциите. Ова е првиот предизвик со кој веќе се соочува. Во оваа смисла, сакам да верувам дека ќе покаже инклузивност и дека ќе инволвира во реформските процеси повеќе луѓе, независно од нивната партиска определба и особено дека ќе почне да ги јакне професионалните капацитети и еснафските здруженија на кои треба да им ја даде сета автономија. Во институциите мора да се напредува или назадува, но не заради партиската определба. На работа треба да се влегува или излегува, но не низ партиската врата. Затоа, прво нешто што треба да им го објасни на своите членови, но и на оние пијавици кои допрва ќе стануваат членови, токму најтешкиот дел – дека СДСМ не е биро за вработување. Во почетокот, веројатно ќе треба дел од своите долгогодишни локални „кадри“ да ги вдоми исклучиво на партиска основа, но многу бргу ќе треба да ја затвори партиската порта и да остави на самите институции од внатре, на професионални критериуми да го решаваат тоа. На оние пак на раководни функции, јасно да им сатави до знаење дека прифаќаат обврска и одговорност, а не привилегија  и ако се однесуваат поинаку, веднаш да бидат санкционирани. Во оваа фаза, дури би требало да остави некои од старите кадри кои раководеа со локалните институции, токму за да ги научи на трпение „своите“. На тој начин, во почетокот можеби ќе го навлече гневот на своите членови, но на долг рок ќе ги добие симпатиите на сите граѓани. А и подоцна тоа ќе му овозможи да ги адресира проблемите на вистинската адреса и да ги нарече со вистинското име и со тоа ќе ја ослободи партијата од непотребен баласт: за лошата работа на, пример, во училиште во Штип, нема да биде виновен Заев или СДСМ, ами директорот кој дошол таму и напредувал на професионални критериуми. 

Второ, мора јасно и гласно да им се каже на сите „пијавици“ и „сончогледи“– „навистина нема потреба да ни се запивате за партиското ткиво, ниту добивате, ниту губите со тоа!“ На пример - нема потреба ако сте даскал, правник, доктор, чиновник...да доаѓате на партиската прослава после победата на нашиот локален кандидат, ако претходно никогаш не сте го правеле тоа! Или ако до сега сте биле меанџија вмровец, нема потреба да правите метании на новиот градоначалник – ако сте терале по закон, пак ќе си бидете меанџија! Ако градите куќа, нема потреба да му ветувате гласови на новиот градоначалник, куќата ќе си ја градите заради законот, не заради градоначалникот. Едноставно, ако сте наш симпатизер, повеќе ќе ни помогнете не ако ни се лижете и го губите времето во метании, ами ако сте подобар даскал, подобар правник, подобар доктор, подобар чиновник, меанџија... во институцијата во која сте! Тоа мора недвосмислено да се каже, но и да се демонстрира, па макар колку и да ви биле лути партиските членови. Знам дека тоа е најтешко, најтешко е да не ја искористите моќта, за да ви расте суетата. Слатко е тоа чувство кога ви прават метании, зарем не!? Но, како и во првата наведена причина, така и во оваа, мора да работите на промена на тој долго граден менталитет кој мисли дека треба да се приклонат кон партија за да профитираат и да напредуваат. Во оваа држава мора да се каже дека напредокот, профитот, успехот не е грев, но не преку партијата.

Трето – реваншизмот ќе ве убие! Желбата за одмазда, никому не донела добро. Заедницата е како и индивидуалниот живот – не познавам некој што ранејќи се со осветољубие, стигнал далеку! Напротив, познавам неколкумина што водени од желбата за одмазда, се изглодале попрво самите себе си. Исто е и во животот на заедницата – одмаздата ќе ве изглода вас самите. Затоа, „одмаздата“ мора да се сведе на право! А не на волјата, особено не на волјата на локалните фраерчиња, кои 12 години живееле под јорган и еве, конечно го дочекале денот! А такви, околу мене, веќе почнав да гледам многу! И искрено, загрижен сум.

Четврто, сакале да признаете или не – тешко ќе кооптирате квалитетен кадар, во било која област. А тоа, веќе на среден рок ќе ви претставува проблем. Ви требаат многу, многу, ама баш многу квалитетни луѓе за работата што ве чека, а верувајте, со чесни исклучоци, тие не ви се во партискиот штаб! Прво, затоа што голем дел од нив ВМРО веќе потроши; имено, треба да бидеме вистинољубиви и да признаеме дека доста умни луѓе беа ангажирани од страна на ДПМНЕ, но заради нивната неписмена врхушка, евтино ги продадоа и за навек ги потрошија. Второ, најумните веќе заминаа од оваа држава. И конечно, оние што останаа недопрени од партиите, на крај памет не им паѓа да се инволвираат во добробит на заедницата, затоа што тоа се доживува не како професионален ангажман, туку како партиски. Затоа, трудете се како партија да имате минимум видливост - луѓето сакаат да придонесат за државата, но не и за партијата! Кооптирајте ги најдобрите и тргнете ги рацете од нив.

Петто – светот ниту почнува, ниту завршува со вас! Самиот сум сведок, во областите што ги познавам и за што се сметам за зналец, дека после 20 и кусур години сепак стигнавме до некаде – не почнувајте од почеток. Во неколку прилики сум го пишувал тој наш синдром кој е резултат на некаква вродена аисториска свест – ние имаме патолошка потреба да го пресоздадеме светот, одново и одново, ние имаме кратко или никакво историско паметење и оттука и месијански синдром дека со нас се раѓа и умира светот. Немојте во оваа смисла, да бидете вмровци! Ниту почнува, ниту ќе заврши со вас – воспоставете принцип на взаемно уважување и почитување на оние што биле пред нас, и чувство за оние што идат по нас! Направете „преседан“, поздравете некоја мината активност, признајте дека ќе продолжите некоја политика, дека ќе надградите некоја состојба. Градете микроистории во секоја област, во секој град, во секое село.

Шесто – но од друга страна, не двоумете се да расчистите храбро, па макар платиле и висока цена, со сиот коров, со сето зло, со сето она што ни го ставија на плеќите овие во изминатите 12 години. Не либете се да преземете храбри, контроверзни чекори, да срушите некој паметник, да дислоцирате некој споменик, од корен да искорнете лоша политика, целосно да смените курс или радикално да раскинете со некои практики. Впрочем, сето ова што погоре го говорев, е токму тоа – да се има мадиња за нова, сосема поинаква парадигма! Имајте ја храброста потребна за големи политичари. На краток рок, ќе изгубите, на долг ќе добиете, поточно – сите ќе добиеме. 

И седмо – не мразете ги ваквите како мене, што еве, се „дрзнуваат“ да ви ја матат еуфоријата, да ви ја расипуваат блажената состојба, да ве реметат во петте минути слава...Не затоа што таквите ко мене се плашат да бидат мразени, или пак затоа што сакаат да бидат сакани, ами затоа што - Hic transit gloria mundi – толку од светската слава, драги мои, би рекле латините, или, сè ќе мине во ова земно постоење, ниту славата не трае вечно, ниту пак славата би ни ја обезбедила вечноста! Не сте таму за слава и ловорики, ами за работа. Затоа, скромно – и на работа! Многу долг пат е пред вас. Искрено во овој миг, на тој пат јас не би сакал да сум во чевлите на Заев!

Автор: Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Заев е марионета, рекоа во хор марионетски фановите на Груевски

Заев е марионета, рекоа во хор марионетски фановите на Груевски

Хипокризија на толеранцијата

Хипокризија на толеранцијата

САД-Русија: Око за око, заб за заб и за медиумите

САД-Русија: Око за око, заб за заб и за медиумите

ИНТЕГРИРАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ПРЕХРАМБЕНИОТ СИНЏИР

ИНТЕГРИРАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ПРЕХРАМБЕНИОТ СИНЏИР