19 Април, 2024
0.0228

Село гори, баба се чешла

Објавено во: Колумни 03 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

На оваа народна поговорка ме асоцираше поведението на бившиот ми премиер и актуелен лидер на ДПМНЕ. Дваесет дена имате луѓе на улици, аболиции, притвори, хајки, (само)убиства..перманентна криза година и кусур, а тој промовира „мега проекти“ (мислиш Чичолина им е во ПР-тимот)! Прво „земјоделски советници“ ќе помагале во вклучувањето на науката во земјоделското производство! Тоа уште свежо и „нелегнато“, еве го, ко магионичар од ракав вади нов мегапроект: „миграција од град во село“! Навистина, сосема легитимно се прашувам, искрено, без злоба, иронија или цинизам – на која планета живее човекот!? Селото му се плени, он се чешла! Додуша, отсекогаш сум бил прилично сомничав кон еден куп од овие македонски поговорки, кои или се базираат на лошо искуство, или самото искуство е погрешно интерпретирано. Па така и оваа за бабата и селото! Селото горело, бабата се чешлала!? А што, по ѓаволите може да стори една баба кога селото гори!? Селото чека и се надева на бабата!? Да му се сневиди и на тоа село, ако судбината му зависи од бабата! А таа, таа за мене постапува сосема исправно – ако веќе се умира, барем да се умре убав. Или пак онаа „со глава ѕид не се бута“! Е со што се бута ѕид? Со глава се бута – мериш, премеруваш, пресметуваш каде да удриш, каде е најслабо, каде е најсилно, на која страна ќе падне, како нема да се повредиш...и сл. чеканот во случајов е само средство. Ѕид баш со глава се бута. Или онаа чудна „сакајќи рогови, остана без уши“! Па зошто некој по ѓаволите би сакал рогови воопшто!? Зарем да се има рогови е убаво!? Секако веќе одамна е апсловирано дека онаа „наведната глава сабја не ја сечи“, е толку длабоко погрешна изрека, што може да биде само наша, македонска измислица. Оти главата се сечи само ако е наведната! Како што велеше еден мој драг професор – за секое обезглавување, потребно е да ја наведнете главата: на трупче, на гилотиња, на бесилка...секаде треба да ја наведнете или поднаведнете главата. Само гордо, високо исправена глава уште никој до сега не исекол! Слична на оваа, а веројатно исто така, уникатно македонска, е онаа „кој високо лета, ниско паѓа“. Па зарем само заради фактот дека можеме да паднеме, не треба никогаш да се осмелиме да полетаме!? Се разбира дека најсигурно ни е засекогаш да останеме да ползиме, но со тоа од црви повеќе нема да бидеме никогаш. Да се осмелиме да полетаме, па макар и паднале – е тоа е животен повик достоен на ризикот и за најголем и најстрашен пад. Но, да се вратиме ние на нашата „баба“. Оти размислувајќи на некои од овие поговорки и нивната погрешна интерпретација, или пак на лошото искуство што стои зад нив, сепак сфатив дека не сум целосно во право. Имено, дека сепак постојат реални животни и општествени ситуации од кои истите се екстрахирани и на кои совршено можат да се аплицираат. Така и во случајов со нашата „баба“ која се чешла, додека нашето мило „село“ гори. Прво, навистина е факт дека „селото гори“. Дека пожарот беснее година и пол и во последно време се разгорува. Се разгорува до таа мера што една светски релевантна организација што се занимава со кризи и кризни состојби - The International Crisis Group– во последниот извештај ја „класифицираше“ Македонија во места на светската мапа каде состојбата се влошува и постои можност за отворен конфликти (http://www.crisisgroup.org/en/publication-type/crisiswatch/2016/153.aspx). Тоа, ќе се согласиме, не е убаво. Не само заради тоа што сме во „лошо друштво“ како Авганистан, Бангладеш, Гамбија, Ирак, Нагорно-Карабах (Азербејџан), Република Конго и Сирија, туку заради самите нас. Но, исто така и факт е дека нашава „баба“ не може многу да стори. Освен да се чешла и разубавува. И тој само тоа и го прави и ќе го прави во иднина сè повеќе и повеќе. Само тоа и му останува. Оти ниту на домашната сцена, драги мои, а најмалку на меѓународната, ништо повеќе не зависи од нашата „баба“. Веќе од поодамна, таа баба не е никаков фактор во гаснењето на пожарот, ами во неговото разгорување. И ако се прашувате зошто до сега не му ја земаа мерата ниту домашните ниту меѓународните фактори, е токму заради тој факт дека за гаснење не е способен, но за разгорување, сеуште да. И така го третираат – ко сенилна баба, која заради својата сенилност сеуште можеда направи по некоја штета. И тоа ми е единствениот адут за пазарење. За жал, штетата е неговото последно оружје, чешлањето е само естетика. Во меѓувреме, тој ќе продолжи само да се чешла, надевајќи се дека така разубавен, сеуште нешто може да испазари за голата кожа.Впрочем, како што и рековме кога веќесе умира, барем да се биде убав. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок