28 Мај, 2017
0.4440

Шанса за пресврт кај минималната плата

Објавено во: Економија, Колумни 08 Мај, 2017

Нема квалитет на живот доколку живеете во земја во која  категоријата преживување е животен стандард. За жал Македонија веќе подолг период е дел од таа лоша „прикаска“, каде  две третини од работно способното население добива месечна плата под просекот од 22 илјади денари, а голем дел живеат со едвај 150 евра. Во такви услови лесно е да манипулирате со населението, да го поткупувате, заплашувате и угнетувате. Во вакви услови неможе да има ниту правда ниту правичност. Едноставно, со 9500 денари месечни приходи тоа население нема пари да поведе судски спор колку и да е онеправдано. Скапо платените рекламни спотови за здравата исхрана не допират до овие граѓани, затоа што за нив со тие мизерни приходи квалитетната исхрана е ставена во категоријата животни перверзии, а  театарот и кинотo се мисловни именки. Ништо од ова не е случајно. Тоа е во функција на досегашниот начин на владеење: што посиромашен народ, посилна власт.

Доброто во лошата прикаска е што по 11 години владеење, власта си заминува.  Но нејзиното заминување само по себе и не значи решавање на проблемот. Очекувам борбата меѓу капиталот и трудот да продолжи и по расформирањето на постоечкиот концепт. Но, овој пат  новата влада мора да создаде услови во кои ќе се подобри позицијата на работникот во однос на позицијата на капиталот, бидејќи само од нивната синергија  може да произлезе добро и за едните и за другите и за општеството како целина.  

Во 2012 година, кога за прв пат се утврди минимална плата, во „пазарењето“ меѓу синдикатите, владата и комората (социјалните партнери) поповолна позиција остварија сопствениците на капитал. Со утврдувањето на минималната плата се подобри моменталната состојба на најзагрозените работници, меѓутоа, таа стана како критериум и за движењето на повисоките плати, и тоа надолу. Практиката покажа дека, во такви услови,   работодавачите остварија  прераспределба на БДП во нивна полза. Платите заостануваа зад порастот на доходот. Откако се утврди минималната плата тие почнаа да го зголемуваат својот дел, од 32% во 2011 на 33% во 2012, на 38% во 2013 и го задржаа на тоа ниво и во 2014 година (податоци има до 2014 година). Во истовреме, уделот на средствата за вработените се намалува. Во 2003 година ним им припаѓаше 41% од БДП остварен во земјата. Во 2009 учеството им се намали на 36%, за да во 2013 година падне на 32%. Тоа занчи, да не се случеше ваквото намалување, односно ако се одржеше учеството од 41% и во 2015 година, средствата за вработените, по вработен, би биле за 27% повисоки отколку во 2014 година. Оваа кратка анализа само го поткрепува тврдењето дека простор за корекција на минималната плата и тоа како има. 

Доброто е што веќе и од сопствениците на капитал слушаме дека го поздравуваат порастот на минималната плата од 20% па и повеќе. Веќе нема кукања за опасностите до кои би довело зголемувањето на минималната плата. Одеднаш и работодавачите како да сфатија дека нешто треба да се менува. А треба. И има можности. Ваквиот пресврт во односот на  синдикатите и сопствениците кон минималната плата во земјата ќе значи ветер во грбот на новата реформска влата. Порастот на минималната плата ќе го подобри животниот стандард на работниците,  ќе ја намали сиромаштијата и нееднаквоста и ќе го покрене моралот на вработените. Ќе ги поттикне да го даваат својот максимум за да создадат финансиска можност и за остварување на повисоки заработки. 

Во овој контекст, социјалните партнери во наредниот период не треба да се потпираат само на минималната плата, туку да изнајдат и модел во кој заработката на работниците ќе зависи и од зголемувањето на продуктивноста на трудот, економичноста и квалитетот во работењето. Минималната плата е само најниската точка од која претприемачите треба да ги калкулираат трошоците за работниците. Ако имаат есап, да отпочнат бизнис, а ако не, да не ги заробуваат невработените, бидејќи се создава ситуација во која платените само за минимална плата се дестимулирани да го вложат својот максимум, а сопствениците тоа сакаат да го обезбедат со разни присилни мерки. Таквите ситуации се социјално експлозивни и не се во ничиј интерес.

Врзувањето на минималните плати, како старт, со порастот на продуктивноста на трудот ќе отвори поголеми можности за динамизирање на развојот на фирмите и за побрз развој на земјата како целина. На тој начин работниците и работодавачите ќе се најдат на иста задача, да го зголемуваат доходот, во интерес и на едните и на другите. Конфронтацијата на нивните интереси, со превладување на интересот на работодавците или на работниците има негативни последици. Иако работодавците се во релативно подобра позиција, опасно е ако се доведат во ситуација со присилни мерки да изнудуваат работа од вработените. Одамна е познато дека тие не можат да ги плаќаат работниците помалку отколку што тие можат да не работат. А тоа секако е на штета и на сопствениците на капитал и на работниците.

Во ваквиот пресврт треба да помогне и владата преку оспособувањето на државните органи и институции стручно и непристрасно да ги вршат своите задачи. На бизнисот мора да му се обезбеди слобода во рамките на системската регулатива и заштита од рекет, уцени и други нерегуларности од страна на вршителите на власта. Не смееме да заборавиме дека отсуството на слободата и практиката на неказнивост на врхушката на власт не доведоа до ова дереџе. 

д-р Крсте Шајноски


Можеби ќе ве интересира

Пензиска бомба за 400 трилиони долари темпирана во големите економии

Пензиска бомба за 400 трилиони долари темпирана во големите економии

Силекс АД Кратово за три месеци изгуби половина милион евра

Силекс АД Кратово за три месеци изгуби половина милион евра

PepsiCo преговара: Сака да ја купи кокосовата вода Vita Coco

PepsiCo преговара: Сака да ја купи кокосовата вода Vita Coco

Груевски им ја честита на Велешани новата фабрика за текстил а за платата молк

Груевски им ја честита на Велешани новата фабрика за текстил а за платата молк

Десет знаци дека се гушите во долгови

Десет знаци дека се гушите во долгови

ВНИМАВАЈТЕ: Лажни банкноти од 500 евра кружат во Скопје

ВНИМАВАЈТЕ: Лажни банкноти од 500 евра кружат во Скопје

РАБОТА ЗА СТУДЕНТИ: За 20 дена заработуваат за одмор на море

РАБОТА ЗА СТУДЕНТИ: За 20 дена заработуваат за одмор на море

Ова се очекувањата на Русија за цената на нафтата

Ова се очекувањата на Русија за цената на нафтата

ЏЕК МА прави нова компанија: Во што милијардерот ќе вложи нова тура милијарди?

ЏЕК МА прави нова компанија: Во што милијардерот ќе вложи нова тура милијарди?