24 Јуни, 2017
0.0522

Шарена револуција - една година потоа

Објавено во: Македонија, Колумни 14 Април, 2017

Шарам нешто се и сешто, сегде нешто шарам - барам, шарам право, лево, десно, овде - онде ми е тесно, денес - утре кај да бидам, шарам - барам се да видам“...

Многумина со носталгија ќе си ги потпевнуваат споменатите стихови, кои во 90 - тите беа хит и тогашните деца и тинејџери со посебна жар и радост ги пееја заедно со главните јунаци на мега популарната серија Шарам - барам. Децата и тинејџерите кои тогаш се забавуваа на песните од шарам-барам, денес се изградени возрасни и зрели личности, дел од нив се овде, создаваат и творат во својата земја, дел некаде низ светот, во потрага по подобро утре, некои од нив се уште го бараат своето место под сонцето, а некои се дел од политичката елита и ги кројат нашите судбини. Но, сите нив ги обединува едно, а тоа е детството и спомените од него и секако тогашните емисии кои испраќаа многу мудри и силни пораки.

Симбол на една нова полетност

Стиховите и денес се многу актуелни, посебно ако со внимание ги проследите и ќе видите дека многу симболика, од денешна дистанца, има во нив. Мене пред се ме потсетуваат на минатата година и навистина ми будат и пријатни, но и лоши чувства. Точно пред една година, овие стихови беа многу актуелни бидејќи се симбол на една нова полетност и елан на обичниот граѓанин, кој во желбата да ја донесе слободата и правдината, ја создаде шарената револуција. Мојата емотивна двојба потекнува токму од самиот настан кој беше повод и причина да се создаде шарената револуција, а тоа е срамната аболиција на претседателот Иванов, со кој директно се изврши атак и удар врз демократијата, правдината,чесноста, а се аболицираше криминалот и злосторот. Е токму од тука тој негативен набој кај мене и изблик на страст и гнев, но од друга страна истиот настан беше и причина за една новост, за едно движење кое навестуваше нова пролет и борба за подобро утре. Не случајно говореле генерациите пред нас - секое зло за арно е.

Почна спонтано, стихијно

Шарената револуција почна спонтано, стихијно, без помпи и прес конференции, без лидери кои имале желба за себе промоција, без личности кои биле нереализирани и маргинализирани и сега ги начекале своите 5 минути за да се истакнат, без подготовки и организирани активности. Шарената беше и остана симбол на едно време-невреме, време на лажни идеали и вредности, време на испервертиран морал и искривени норми, време на еродирани вредности и морален вакум, но и време кога паднаа маските, кога лажните и гротесни ликови си го покажаа своето вистинско лице, време кога Мефистофел за малку ќе си дојдеше по своето. 

Шарената ќе остане запаметена по сплотеноста, по позитивниот дух и слободарските чувства кои бликаа од секој учесник, по искрените и топли насмевки и прегратки на пријателите и познаниците кои по долго време се сретнале, по благопријатноста и чистината на целото движење, по искрените намери и силната воља кај секој добродетел и добронамерник-учесник, па на крај и по иконографијата која до ден-денес обележува некои објекти. Можеби некој ќе ми залепи етикета на вандал, уништувач на имот и државен објект, но јас иако не секогаш директно, и индиректно ги подржувам сите активности на шарените, бидејќи социолошки, тоа е револт на една генерација, револт на луѓе кои под плаштот на стравот и гневот најдоа начин да си ги изразат своите визии, гледишта и ставови за некои објекти, посебно за објектите кои беа дел од проектот Скопје 2014. 

И да не генерализирам и да не ставам знак на еднаквост кај сите објекти, но токму оние кои се симбол на кичот и невкусот, симбол на окултизам и желба за доминација, или во стилот на великанот Ниче, објекти кои на суптилен начин го симболизираа над човекот, беа обележани. Па секој има право во својата земја, на себе својствен и инвентивен начин да изрази револт кон нештото, макар и да го нагрди ( а во случајот му даде еден поинаков белег), бидејќи сето тоа е создадено од негови пари. Шарената го одразуваше духот на еден револуционерен народ, на луѓе со идеи и визии, на луѓе кои се одважија и покажаа дека во својата држава имаат право и да кренат глас, личности со интегритет, познати и признати, луѓе кои не се делеа по никава основа и го прифатија религиски, етнички и културно другиот...се после шарената е само бледа копија и имитација, а плагијатите знаеме како завршуваат.

П.С. Многу симболики има април, април 2012, 2016, настани кои не смеат да се заборават, настани кои донесоа многу солзи и болка кај многумина, но и настани кои го изнедрија и животинското во човекот..Сето тоа ќе биде запаметено и треба секој да има на ум дека правдината и вистината можеби забавуваат, но не се забораваат...


Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Министрите и синдикатите со разговори за минималната плата од 12.000 денари

Министрите и синдикатите со разговори за минималната плата од 12.000 денари

Се запали ограда пред хотелот Александар Палас

Се запали ограда пред хотелот Александар Палас

Средба на Иванов со Бренде - Македонија што побрзо да ги почне преговорите со ЕУ

Средба на Иванов со Бренде - Македонија што побрзо да ги почне преговорите со ЕУ

ВМРО-ДПМНЕ: Ако нема Суперкуп во Скопје виновна ќе биде новата влада

ВМРО-ДПМНЕ: Ако нема Суперкуп во Скопје виновна ќе биде новата влада

Роберт Поповски: Ќе ставиме крај на пропагандата во медиумите со сериозни реформи

Роберт Поповски: Ќе ставиме крај на пропагандата во медиумите со сериозни реформи

Прибе држи лекции во Охрид, па ќе ги проверува реформите на Владата

Прибе држи лекции во Охрид, па ќе ги проверува реформите на Владата

Хан: Реформите мора да се направат за да се подобрат животите на луѓето

Хан: Реформите мора да се направат за да се подобрат животите на луѓето

Заев: Вие граѓаните сте креативната сила на Владата

Заев: Вие граѓаните сте креативната сила на Владата

Спасовски тврди дека во МВР има голема задолженост и се трошело непродуктивно

Спасовски тврди дека во МВР има голема задолженост и се трошело непродуктивно