23 Април, 2024
0.0278

ШЕСТИОТ ВКУС

Објавено во: Македонија, Колумни 13 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

1.Јуни, четврток. Го пијам првото утринско кафе и сфаќам, некако е различно од вчерашното (и тоа пред него, и тоа пред него). Прашувам да не е сменето кафето, но одречниот женски глас го разбива умамито кое ми го обои утрото и ме остава во прашалници?! Потоа брзам. Не сакам да задоцнам. Столе наскоро ќе биде првиот доктор на науки произведен на ослободената територија, по изгласувањето на новата реформска влада. Малку му завидувам. Некогаш човек треба да го сака среќата за коинциденција со вакви моменти. Се поздравуваме по објавата, му честитаме и сите сме насмеани. Наздравуваме со шампањ, прекрасно слатко пенливо розе. Најфеноменалниот планетарен вкус, кратко déjà vu и тогаш сфаќам. Ние всушност во моментов сме изложени на  потполно ново искуство, уживаме вкус нов, непознат, заборавен и потиснат, измислен одново.

Сигурно ги знаете или подобро кажано секојдневно им се препуштате на петте познати основни вкусови: слаткиот, солениот, киселиот, горчливиот и последниот, умами кој да го измамите на површината на вашите јазични папили ќе ви требаат десетина години стаж кај Гордон Ремзи и умешност да вдахнете живот на комбинација од неколку тревки кои растат од планината Фиџи до пространствата на Аргентина. Нашиот, вкусот од утрото на 1.Јуни е малку поинаква приказна, иако и за него беа потребни исто толку години трпеливо мешање чудни и несекојдневни состојки. Тој многу потсеќа на онаа обична секојдневна среќа, која не ви е јасно од каде иде и со што сте ја заслужиле, но ја има и ве напаѓа, ве гали и ве скокотка во слабините, та два реда заби не се доволни да ја затворат насмевката поширока од кањонот на Матка. Сепак среќата не е неговиот единствен предзнак. Таков е шестиот вкус.

De gustibus non est disputantum

За вкусовите не се расправа, но сметам дека токму сега правилото треба да го пресконеме како локва на тротоарот и да и го определиме вистинското местото на оваа нова сетилна сензација.  Таа  деновиве ни ја менува, всушност ни ја враќа перцепцијата дури и за најобични феномени како ќеифот на секојдневното дружење, насмевката на лицето на минувачот, бојата на небото и сјајот во очите на сите - буквално кај сите, и кај оние што се ослободија и кај оние што го предадоа товарот на власта, посебно таква гнила и корумпирана, клекната пред сопствените спротивставености. Од тука многу логично и за разбирање е дека интензитетот на шестиот вкус индивидуално варира и зависи од тоа колку сте биле експонирани на репресалиите на Револуционерното пејачко друштво и обратно колку сте биле оддалечени од универзалиите на модерното општество. Ова кафе правопропорционално еволуира како одминува времето од првиот момент кога го пробавте и добива на интензитет колку повеќе го конзумирате. Таков е вкусот на слободата.

Aftertaste (Афтертејст или чувство кое се појавува по конзумацијата)

1.Јуни, 11.30ч. Вкусот на слободата може да има и определен афтертејст. Не го оправдувам насилството во ниеден облик и чинот на физички напад ме згрозува, но ситуациски констатирано во случајот на Тодоров барутот стана дел од овој нов густативен комплекс. Афтертејст-от на слободата може да е незгоден посебно ако сте дејствувале спротивставено пред нејзиното настапување. Го знаат ли поранешниот министер и стручњаците кои не потпишаа за малата Тамара, вкусот на капките крв од изгризаните мајчини усни, вкусот на врелите солзи на родителот? Веројатно не го осетиле. Дополнителна констатација, еден вкус раѓа друг иако навидум нема сериска поврзаност. Таков е вкусот на слободата.

И патем, го знае ли можеби Груевски вкусот на храната на бездомникот од народната кујна која никогаш не се отвори (не сметајќи го тука доручекот на Скопското тромостовје, во организација на Коце Македон). Сигурно не, но со добри шанси да запознае една друга кујна, во која испарувањето на ретката супа ќе биде сонот на летната ноќ. Дел од овие непријатни испарувања може да потсетуваат и на р‘ѓа, без алузија на клучеви или прозорски решетки, туку на онаа проста црвена р‘ѓа која избива од секоја ваша пора, заради вашите дела, кои ве следат, а кои вашиот организам има потреба да ги метаболизира и исфрли, сеедно дали преку вашата уста или преку вашата напредната клоака.

8.Јуни,четврток. (само една недела подоцна)

Читам денес извесен Алберто Гутиерез собирајќи книги по контејнери отворил библиотека. Така и нам небесниот раскажувач укажан во земниот свој облик како уредник на разни Курири, Сители, канали и корита ја сплете онаа, дека Груевски собирајќи камчиња на плажа си отвори сопствен резорт на Халкидики. Да, и дека Мерцедесот не е Мерцедес туку кочија да го врати принцот-жаба во неговиот гипсен дворец покрај Вардар пред да го бакне некоја следна принцеза.  

Денес повеќе тој оцет го нема. Денес имате избор да прифатите  покана за првото интервју со Премиерот, а да не бидете казнет или отпуштен новинар доколу не сте ја прифатиле. Злонамерен или не, денес имате можност слободно да ги поставите во живо и најпровокативните прашања без да бидете заплашуван, уценет или мобиран. Денес иако за сосем кратко време, се раѓа нов квалитет кој станува знак на распознавање на новото и позитивното, на доброто и напредното, на човечкото и чесното. И тоа е вкусот на слободата, чувство на кое многу лесно навикнувате. Не, не е психотропна супстанца иако имате потреба да го конзумирате во големи количини и дефинитивно ви ствара зависност. Опуштете се, па тоа е само слобода, онаа едноставна праволиниска етерна која го обединува движењето на духот, телото и мислата во еден содржател - чувството да се биде слободен. Незаменливо и бесценето.

12.Jуни, понеделник. Брисел.

Смирен, созреан и јасен. Вкусот на слободата побогат за слој на белгиско чоколадо ви влева доза на сигурност и самодоверба. Иако морето е далеку во воздухот се осеќа сол. Некако како после бура, кога ветрот стивнува, а кајчето впловува зад камениот ѕид. Слободниот озон ги буди клетките, длабоко вдишуваме. Се повеќе сме живи и се повеќе разбираме дека преживеавме. Таков е. 

Очигледно добар и посакуван, последната размисла и прашање е како да го сочувате и да му го продолжите траењето на ова чудно слаткасто патешествие. Пауза. Тука сигурно ни Гордон Ремзи неможе да ви помогне, иако домашната бомбица за десерт се покажа еднаква мајсторија како и руската салата, англиската супа и американската мисирка како главното јадење. Рецептот на личната и на заедничките слободи мора да го испишеме самите.

И навистина, друг нема и неможе да ви го продолжи ова единствено чувство, овој шампањ на сетилата, оваа симфонија од среќа доколку самите не ги впрегнете ракавите за да го зачувате. Како? Најверојатно со исполнување на сето она што си го ветувавте во најтешките моменти себе, но и на другите. Да не се опуштите и да заборавите од каде дојдовте и каде одите. Да го препознавате другиот како дел од патот кој заедно го газевте, колку и да е различен од вас и во суратот и во мислата. И конечно, да не заговарате прошка со сите оние кои го пљачкаа народот, надевајќи се дека таа пљачка ќе остане неказнета и за кои државата претставуваше шпекулација, а криминалот занат*. Точно онака како што го измисливме и онака некако како што експериментиравме со него додека не го погодивме вистинскиот. Уште еднаш, но не за последен пат, долго чеканиот и единствен - вкусот на слободата.

Пишува: Д-р Анте Попоски

*Импровизација во реченицата позајмена од познат говор на Робеспјер.


Можеби ќе ве интересира

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ПО ПОЛНОЌ ЛЕПЕЛЕ ПЛАКАТИ: Тетовската полиција уапси две лица

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ЌЕ БИДЕ ПРЕМЕСТЕН ВО ДРУГО УЧИЛИШТЕ: Надлежните ќе преземат мерки против ученикот кој истепа наставничка

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ИНДЕКС НА ЧОВЕКОВИОТ РАЗВОЈ: Македонија лошо котира

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВО ПУСТЕЦ: Наскоро ќе биде поставена биста на Гоце Делчев

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

ВАЖНО: Граѓаните со истечени лични документи од 24 јули 2023 година ќе можат да гласаат

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

УТРЕ НЕМА ДА РАБОТИ ЖИЧНИЦАТА, А АВТОБУСИТЕ ЌЕ ВОЗАТ ПО НЕДЕЛЕН ВОЗЕН РЕД: Еве што велат од ЈСП

Мостот „Беласица“ го издржа тестот за носивост

Мостот „Беласица“ го издржа тестот за носивост

Избирачкиот список намален за 10.000 гласачи

Избирачкиот список намален за 10.000 гласачи

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...

ЕВЕ КАКО „ЛИДЛ“ ВО МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКУВА НОВОВРАБОТЕНИТЕ: Пред еден месец вработени 37 лица во логистика, финансии, продажба дистрибуција...