23 Јануари, 2018
1.7761

Што досега направи Мицкоски и што мора да преземе?

Објавено во: Анализа 25 Декември, 2017

Христијан Мицковски – од неодамна нов претседател на најголемата опозициска партија  ВМРО ДПМНЕ, досега го запознавме како главен „маг“ за електроенергетика на таа партија, а потоа и како нејзина генерален секретар и врвен оперативец на последните локални избори кои завршија многу неславно.

Што досега направи Христијан?

Првото крштевање во јавноста Мицковски го имаше како главен човек на партиската комисија за енергетика и претседател на надзорниот одбор на ЕЛЕМ државната компанија за производство на струја и главен советник за енергетика на тогашниот премиер Груевски. Тогаш изгледаше како млад и перспективен стручњак, човек од науката, технички поткован кој има исксутво и во трговија со струја. Секако елоквентен и модерен, приемчив за уво и за око на домашната јавност. Мицковски успеа да се наметне кај Груевски и успеа да го истисне од местото главен советник за енергетика Ристо Ачкоски, професор на ФЕИТ и претходно клучен советник за енергетика на првиот човек на тогашната влада. Во  фокус на јавноста Мицковски влезе како нов прв човек на ЕЛЕМ односно генерален директор во октомври 2016 година откако претходно го водеше надзорниот одбор на таа - една од најголемите македонски државни компании.

Од неговото кратко оперативно делување во ЕЛЕМ ќе остане запаметен по тоа што многу зборуваше за либерализацијата на пазарот на струја и за потребата ЕЛЕМ да се прилагоди на таа новина. Почна да отвора и фирми ќерки за трговија со струја во соседните држави. Како бреме во македонската енергетика ќе му остане евтината продажба на хидро енергија од ЕЛЕМ. Имено, во октомври за ноември организираше аукции за продажба на струја на која ЕЛЕМ продаде хидро енергија пред почетокот на зимата по цена од 50 евра за мегават-час електрична енергија. Два месеци подоцна во јануари годинава ЕЛЕМ се доведе во ситуација да купува струја по цена која на некои од аукциите надминуваше  просечни 130 евра за мегаватчас. „Фактор“ пишуваше за ова и може да се потсетите на следниот линк 

Секој може да згреши во проценката иако да продадеш хидро енергија по цена од 50 евра пред почеток на зима, е голема грешка. Набрзо стигна и казната. Платија големи суми за да купат енергија. Еден момент беше многу битен. Намерен или ненамерен обид за манипулација на јавноста. Мицковски како прв човек на ЕЛЕМ пушти соопштение од кое можеше да се разбере дека компанијата не само што нема да бара поскапување на регулираната цена на струјата туку ќе нема негативен финансиски ефект зашто диспаритетот ќе го покрие со пари од продажбата на струја во ноември и декември. Дали тоа се случи? ЕЛЕМ од таа продажба инкасира околу 200.000 евра, а потоа плати 1,9 милиони евра за да купи струја за 5 дена (од 8 до 12 јануари).

На Мицковски мора да му се признае дека успеа да го изменаџира процесот за одлаѓање или откажување на изградба на рајски парк во општина Аеродром – за многумина налудничав проект кој ќе предизвикаше сериозни финансиски негативни импликации за ЕЛЕМ кој требаше да биде финансиер. Во време кога Мицковски го водеше ЕЛЕМ како генерален директор тендерот беше поништен со најава дека подоцна може да биде објавен. Остана на тоа.

Што треба да направи Мицковски?

Постои консензус. Да го отфрли товарот дека е продолжена рака на Никола Груевски и на Сашо Мијалков и на голем дел кликата во естаблишментот на ВМРО-ДПМНЕ која го организираше конгресот и учествуваше во кампањата на Мицковски.

Како ќе го направи тоа? Едноставно е.

Да ја врати слободата на одлучување кај членовите на партијата. Да им ја врати вербата во силата и големината на ВМРО-ДПМНЕ и со тоа да ја добие нивната поддршка.

Да излезе на свеж воздух надвор од стегите на „Белиот дворец“, кој е антипод на вмровштината и патриотизмот. Макар и да го подари на државата ако за тоа одлучи членството.

Да ја укине праксата за се да одлучува претседателот на партијата. Вреди да се проба. Да го памтат по тоа дека вовел реформи. Ако тоа значи промена на статутот, тоа треба да му биде првата задача.

Да ги собере околу себе и да ги носи одлуките со сите фактори во партијата кои имаат минат труд и километража, а немаат недвижен имот кој се мери во стотини илјади евра. И да ги почитува и спроведува различните мислења.

Да биде подготвен на конструктивна критика и да почитува предлози кои се издржани и имаат поддршка. Да не држи монолози и да остава впечаток дека знае се – како што сме имале прилика да видиме досега во неговите обраќања на некои од националните телевизии.

Да се опкружи со храбри, чесни и стручни лица кои покажале што се. Доста беше со кодошлук и полтронизам.

Да му раскине на лицемерието и клиентелизмот.  Особено на кловновите и кликата која овие шест-седум години ротираше во најблиската орбита на Груевски. Клика што стана безобразно бахата и богата.

 Да не одговара пред почесниот претседател и неговите братучеди.

Можеби најважно, да се огради од сите судски постапки кои се водат против членовите на сега веќе бившиот естаблишмент на партијата и да им посака многу успех додека ја докажуваат нивната невиност.

Х.С.

Можеби ќе ве интересира

Со жалење пренесени националистичките протести во Грција и прогласот на предавници

Со жалење пренесени националистичките протести во Грција и прогласот на предавници

Како Владата ќе ја оцени „петката“ на Нимиц?

Како Владата ќе ја оцени „петката“ на Нимиц?

Владата ќе ја оценува „Рамката“ на Нимиц

Владата ќе ја оценува „Рамката“ на Нимиц

Што чека ВМРО-ДПМНЕ за да се вклучи во консензус за името?

Што чека ВМРО-ДПМНЕ за да се вклучи во консензус за името?

Нимиц со терминот „Македонија“ за решението ги побесна грчките десничари

Нимиц со терминот „Македонија“ за решението ги побесна грчките десничари