28 Март, 2024
0.0262

Што е заедничко меѓу покриените гениталии на Прометеј и македонското Монти Пајтон новинарство?

Објавено во: Анализа 31 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

„Поради притисоци врз Вест, се повлекува анкетата -Која водителка без гаќи пред Груевски?“, објави денеска дневниот весник, оставајки ја јавноста затечена од ваквата одлука. Имено, уредништвото инспирирано од видетото кое го насмеа  Балканот, а каде водителката без долна облека ги интервјуира српскиот премиер Ивица Дачиќ, спроведе он-лајн анкета за читателите и како одговор на прашањето предложи 9 познати македонски водителки и новинарки. Прво од анкетата беше тргната уредничката на Сител и Вечер, Ивона Талевска и заменета со водителката Ирена Спировска,  а потоа и целосно беше повлечена анкетата, чиј конечен резултат требаше да биде соопштен денеска. Редакцијата им се извини на тие што гласаа и се повлече од понатамошни коментари. Кој е крив? И додека од Вест избегнаа да одговорат кој наредил анкетата да биде повлечена, почнаа да стигнуваат реакции од сите страни. Меѓу првите, со официјално соопштение, за секој случај, се огласи Владата на Република Македонија од каде велат дека не стојат зад притисоците врз Вест.
„Сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија, Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, било која владина институција, или пак поединец од владините институции, или пак било кое тело или поединец од најголемата партија од владината коалиција, на ниту еден начин нема учество во, како што наведува редакцијата на Вест, вршење притисок за да се повлече цитираната тема, која е нивен слободен избор, во кој избор ниту сакаме ниту имаме намера да се мешаме или пак да коментираме“, пишуваше во дел од нивното соопштение.
Потоа се јави и Здружението на новинари на Македонија. Оттаму побараа редакцијата на весникот јавно да го посочи виновникот, за тие да може институционално да реагираат.
„Сметаме дека Редакцијата на Вест треба да го посочи изворот на притисокот, за да можеме институционално да реагираме“, велат од ЗНМ, од каде посочуваат дека ги осудувале ваквите притисоци.
Со свој став се јави и Медиа Принт Македонија. Рекоа дека не се мешале во уредувачката политика на своите весници.
„Сите медиуми на МПМ се секогаш отворени за реакции од страна на засегнати страни и потсетуваме дека постојат правни рамки, односно Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кој ги регулира тие односи. Воедно, сакаме да истакнеме дека не треба да се злоупотребува од ничија страна насловот во електронското издание на „Вест“: Поради притисоци врз Вест се повлекува анкетата „Која водителка гола пред Груевски?“, соопштија од МПМ.
Дали виновникот самиот се откри?!? Непосредно по повлекувањето на спорната анкета од Вест, дневниот весник Вечер, чиј уредник е Ивона Талевска, експресно го врати ударот и објави наслов „Има ли хомосексуалци меѓу новинарите? Случајно или не, како прв меѓу тројцата новинари кои се најдоа на тапет во Вечер беше уредникот на Вест, Горан Михајловски. Редакцијата на Вечер во текстот ги поканува читателите да ги посочат имињата на новинари за кои мислат дека се хомосексуалци и евентуално да ги пренесат нивните искуства?!? Талевска молчи,  неколкумина проговорија Вест во својата анкета како избор ги понуди новинарките  Оливера Трајковска и Ивона Талевска, водителките Тања Стојановска, Лила Стојановска, манекенките Марјана Станојковска, Драгана Чуприна, Натали Грубовиќ, Хелена Роза и Маја Поцевска. Дел од нив анкетата ја сфатија како шега. Така Хелена Роза, која во јавноста важи за жена без влакна на јазикот, посочи дека би се појавила на интервју со македонскиот премиер, само доколку и дввајцата имаат долна облека, а ваквото тврдење го оправда со фактот што Владата на Груевски се декларира како конзервативна, пренесе Либертас. Порталот пренесе дека и Оливера Трајковска жали што уредништвото ја прекинало анетата, а низ смеа рекла дека и покрај тоа што има 40 години, се надевала дека ќе заврши на едно од првите три места. Дел од порталите пак пренесоа дека дел од женските здруженија реагирале на непримерноста на ваквите анкети кои го навредувале женското достоинство. Останува отворено прашањето дали станува збор за истите здруженија поради кои и Споменикот на Прометеј во Скопје доби доби долна облека, бидејќи жените биле згрозени од покажување на машките гениталии?! Македонското новинарство-Монти Пајтон Притисоците врз Вест доаѓаат само еден ден откако Репортери без граници, во својот извештај објавија дека Македонија паднала за цели 22 места. Земјава се најде на 116-то место од 179 земји и е најлошо рангирана земја во регионот според слободата на медиумите. Друштво и прават државите како Нигерија, Непал и Венецуела. За да биде иронијата поголема, денеска згасна и дневниот весник Ден, а утринава и Утрински весник на насловната страна стави јавно извинување до собранискиот спикер Трајко Велјаноски, кој обвинил за клевета поради насловот „Анкетарите затропаа кај Вељаноски“ и поднасловот „Агенцијата за испитување на јавното мислење, која ја спроведе анкетата за парламентот, обвинува за злоупотреба на резултатите“. Весникот така се спаси од казна во висина од 27 илјади евра, што инаку требаше да ја платат согласно новиот закон за медиуми. Дачиќ не издржа, најави дека ќе ја тужи продукцијата бидејќи немал дадено дозвола да излезе во јавност видео снимката од наместеното интервју. Но, се чини не издржа ни македонското новинарство, во трката кој на кого да му ја смести... Јасмина Јакимова

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот