Што им порача Вулин на македонските и другите политичари од регионот?
Објавено во: Балкан 18 Мај, 2017
Mакедонските и другите политичари од регионот да не бараат оправдување за сопствените проблеми во Србија, вели министерот за труд, вработување, боречки и социјални прашања, Александар Вулин.
„Србија не е оправдување за било чии проблеми, таа може да биде само фактор на стабилност и да помогне“ - им рекол Вулин на новинарите во Белград.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев кој го доби мандатот за состав на нова влада, претходно изјави дека е непријатно на кој начин Србија ги коментира настаните во Македонија, но додал дека ќе се труди да има добри односи со официјалните власти во Белград. Тој го спомена терминот македонско сценарио, кој го употребуваше Александар Вучиќ.
„Гледајте, Вучиќ ја водеше кампањата и буквално во секој настап зборуваше за македонско сценарио. За жал тоа мене ми беше непријатно да го слушам, тоа како наш сосед зборува за Македонија“ - рекол Заев во интервју за регионалната ТВ Н1.
Вулин одговори дека е непријатно да слуша грди зборови за српскиот премиер Александар Вучиќ, додека сите пораки од Србија се смирувачки.
„Односот на Вучиќ кон Македонија како премиер и како претседател на државата ќе биде максимално добрососедски и со желба Македонија да биде стабилна, но ги молиме сите македонски политичари и политичарите во опкружувањето да не бараат оправдување за сопствените проблеми во Србија“ – рекол Вулин.
Вулин вели дека Македонија минува низ тешки проблеми, а дека Србија добронамерно ја зборува вистината како состојбата во Македонија би се подобрила.