21 Септември, 2017
0.0772

Што ќе му продаде Трамп на Путин?

Објавено во: Колумни 30 Јуни, 2017

Претседателот на САД Доналд Трамп ќе има преговори со неговиот руски колега Владимир Путин за време на Самитот G20 во Хамбург кој треба да се одржи кон крајот на идната недела. Тоа е веста што вчера дојде од официјален Вашингтон, а која што претходно, како можност, беше најавена и од руска страна. На таа средба, според помошникот на Трамп за национална безбедност, Херберт  Мекмастер, ќе стане збор и за воспоставување на „поконструктивни односи“ со Русија.

Дека ќе се сретнат Трамп и Путин во Хамбург беше јасно уште при нивниот прв телефонски разговор, пред неколку месеци, кога тие се заложија за подобрување на односите меѓу двете држави. Но работите да бидат поинтригантни во изминатиот период се погрижија во Стејт департментот и во администрацијата на претседателот. А не помалку и сенаторите. Па така Трамп одобри некои нови санкции кон поединци и компании во Русија, па во Сенатот беше усвоен предлог закон за уште пожестоки санкции кон Русија, а во кој се задираат интереси и на главни играчи од Европската Унија. За среќа на Трамп, а по голем притисок од страна на државниот секретар Рекс Тилерсон, овој предлог застана во Конгресот и сега најверојатно на него ќе има навраќање дури по летните одмори на конгресмените и сенаторите кои започнуваат по 4 јули. 

Зошто за среќа на Трамп? Затоа што со тој закон ќе му беа врзани рацете да ги унапредува односите со Русија, а што е поважно ќе се отвореше и „војна“ со некои држави од ЕУ. На пример, Германија, Австрија...Нему тоа во моментов не му е потребно со оглед на се она што зборуваше за Русија во предизборниот период. А многу предизборни ветувања тој досега исполни. И во поглед на т.н. Обамакер, па отказот од Парискиот договор за климата, па за промени во односите со Кина...Сега на ред се оние ветувања за унапредување на односите со Русија.

Јасно е дека средбата во Хамбург нема да донесе некои спектакуларни резултати од едноставна причина што таа не беше подготвувана и не е подготвена, па да може да се одржи во широк формат. Иако ова не значи дека и на средба на маргините на Самитот можат да се договорат значајни работи.  Згора на тоа од најавите на Мекмастер се насетува дека Русија официјално ќе биде на четврто или петто место на дневниот ред на Трамп. Јасно е дека првата средба на Трамп со Путин во широк формат може да ги фрли во сенка темите од Самитот, освен ако не дојде до „судир“ меѓу САД и ЕУ. Но, канцеларката Ангела Меркел, како домаќинка, сигурно ова нема да го дозволи.

Главна цел на посетата на Трамп, според Мекмастер, е „да се придонесе кон американскиот просперитет, да се заштитат американските интереси и да се обезбеди американското лидерство“. А дополнителни цели се зацврстувањето на американските алијанси, справедлива поделба на одбранбениот товар, приврзаноста кон заедничките вредности, заедничката битка со заканите...Дури после ова доаѓа „изработката на заеднички приод кон Русија“ и како што сакал Трамп , САД и Западот да одржуваат поконструктивни односи со Русија, но со истворемена подготвеност да се направи „се што е неопходно да се даде отпор на дестабилизирачкото однесување на Русија“. Следните цели на Трамп се однесуваат на економијата, енергетиката и климата. На овој план со Русија САД имаат допирна точка само кај енергетиката, а тоа е поврзано и со ЕУ.

Русите сигурно жалаат што средбата нема да биде во широк формат. Но не треба да се заборави дека и на Трамп не му е лесно. Според пишувањето на лондонски „Гардијан“ Трамп побарал од своите советници да му направат список на можни отстапки од страна на САД за да ги искористи во преговорите со Путин, но ниту во специјалните служби, ниту во администрацијата на американскиот претседател не сакале да одат на отстапки „само заради тоа да се разубави атмосферата на преговорите“. Трамп беше подвргнат на критики во Вашингтон за неговата срдечна средба со рускиот министер Сергеј Лавров. Против него се уште се води специјална истрага околу неговите наводни врски со Русија околу минатогодишните избори во САД. Во Стејт департментот се уште доминираат кадрите од времето на претседателот Барак Обама. Во специјалните служби се кивни на Трамп за неговите изјави во врска со нивната работа. Па така, се земено, време за подобрување на односите ќе биде некое идно.

Но, за Кремљ тоа не е прифатливо. Помошникот на Путин Јуриј Ушаков смета дека не е дозволиво „тапкањето во место“ во односите со САД. Според него вина за ова има во политичкиот отпор во САД, кој може да ги „потсече“ можностите на новата администрација да го изработи курсот во меѓународните работи, а одделно и во односите со Русија.  Ушаков нагласува дека руската страна може да почека да „стивнат внатре американските страсти“, но во прашање се не само проблемите на Русија со САД, туку и предизвиците од светски размери. Тој смета дека Конгресот прави се што може да го спречи Трамп да ги нормализира односите со Русија. И тука веројатно греши. Во основа на сегашните лоши односи меѓу двете држави лежи меѓусебната недоверба. Во САД владее вистинска параноја од се што е руско. Па така се однесува и Конгресот. А вчера беше објавен и извештај на разузнавачките служби на Пентагон во кој заклучокот е дека: Кремљ се плаши дека САД сакаат да го сменат режимот во Русија“. Што не е далеку од вистината. И се додека ваквата недоверба не се отстрани односите нема да се подобрат.

Посетата на Трамп на Европа е негово второ излегување од САД. Во првото тој посети некои арапски земји, „демократската“ Саудиска Арабија. Оттаму замина со договор за продажба на американско оружје во вредност од над 100 милијарди долари. Но, веднаш по таа посета, „случајно“ Катар, „поддржувач“ на терористички групи на Блискиот исток, падна во немислост на Саудиска Арабија и неколку други арапски држави. САД ги повикаа на разум сите вклучени во таа работа, па Катар нарача американско оружје во вредност од над 10 милијарди долари!

Можеби е подобро Путин да не се сретне со Трамп, не за друго, туку и тој може да купи американско оружје, како израз на добра волја за подобрување на односите.  Или пак, некоја од европските држави. Па така да се потврди дека американскиот претседател е подобар трговец, отколку политичар.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Стимулирање на трансферот на знаења и иновации во земјоделството

Стимулирање на трансферот на знаења и иновации во земјоделството

Ѕвечка оружје на северот од Европа

Ѕвечка оружје на северот од Европа

Наука и политика

Наука и политика