25 Април, 2024
0.0269

Што ќе преовлада во Грција - Национална хистерија или разум?

Објавено во: Анализа 29 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Грција се наоѓа пред тешка задача да создаде внатрешен консензус околу тоа на кој начин ќе пристапи во преговорите со Македонија за решавање на деценискиот спор за името. Ако во минатото беше лесно да се каже дека нема отстапки од нивните црвени линии и сите партии се сложуваа со оваа надворешна политика сега Грција е ставена под поголем притисок да учествува во изнаоѓање на достоинствено решение што ќе значи компромис и од нивна страна наместо упорно и на моменти непријателско однесување кон Македонија.

Со децении билданата националистичка реторика и сега ги покажува своите последици, народот веќе излезе на срамни и недостоинствени протести во Солун на кој истури огромна омраза кон македонскиот народ, а сличен потфат се организира и за во Атина на почетокот на февруари.

Овие чекори се сосема јасно изведени од страна на грчката црква која има свој интерес во државните преговори, а тоа е да спречи етаблирање на Македонската православна црква - Охридска архиепископија и врши голем притисок врз владата на Ципрас до тоа да не дојде, односно проблемот за името да се реши во пакет и со името на црквата. 

Ширењето на национализам преку извиците „Македонија е грчка“ во прилог им оди само на ултра десничарските и фашистички партии како Златна зора, но и други кои сега ја гледаат својата шанса да освојат што е можно повеќе гласови. Од таква реторика не се срами ниту Нова демократија која во обид повторно да се врати на власт исто така го потпалува народот што ќе доведе до невозможна мисија за компромисен договор. 

Ова е на некој начин и разбирлива агенда на Грција, се поставуваат максималистички позиции во преговорите со цел да се освои што е можно поголем плен, а Македонија од позиција на немоќ или ќе прифати тоа што е понудено или ќе одбие па ќе остане без ЕУ и НАТО членство, или пак ќе биде принудена на болни компромиси кои ќе предизвикаат тежок раздор во македонското национално ткиво ако се дозволи рушење на достоинството преку преименување на црквата, како и неразумни квалификации на јазикот, националноста, идентитетот... 

Сепак, и во Грција има гласови на разумот кои ги предупредуваат политичарите да не дозволат национализмот да земе замав бидејќи тоа ќе значи поголема опасност за земјата на долг рок отколку да му се наштети на соседот по секоја цена и да се понижи во преговорите за името. Исто така дел од грчките медиуми бараат решение на спорот за името за Грција да престане да се „бори“ на толку многу фронтови и да се фокусира на посуштинските прашања како односите со Турција и агресијата која премиерот Ципрас ја посочи на Светскиот економски форум во Давос. 

Автор: Христијан Станоевиќ