20 Април, 2024
0.0265

Што ќе се случи по поразот на ИСИС?

Објавено во: Анализа 03 Август, 2017

Добивај вести на Viber

Терористичката џихадистичка организација ИСИС или во поново време позната како Исламска држава е пред голем воен пораз. Тие веќе ги загубија позициите во Мосул како најголем ирачки град кој го држеа под своја контрола со што полека ќе бидат потиснати од територијата на Ирак. Нивното второ големо упориште е во Рака каде коалициските сили составени од сириски борци, Курди и американски воени специјалисти е исто така пред капитулација. 

Со воениот пораз ИСИС ќе ги изгуби своите територии и повеќе нема да може да ја шири идејата дека создава Калифат, односно нивна идеја за Исламска држава базирана на радикална верзија на исламот при тоа вршејќи ги најголемите воени злодела кои може да се замислат. На тој начин ИД од територија ќе остане само идеја, но и тоа е доволно за нови и можеби поголеми закани по глобалната безбедност. 

Ветувањето за Калифат привлече не само илјадници странски борци меѓу кои и голем број на државјани на Европа, туку и многу млади луѓе па и цели семејства. Сите тие се радикализирани и подогтвени штом ја изгубат територијата да продолжат со својата борба но, на други начини. 

Затоа постои страв дека ќе се зголемат терористичките напади извршени од повратници од Сирија и Ирак во Европа, како и низ другите земји од каде потекнуваат. САД секако, ќе има клучна улога во разврската на конфликтот бидејќи располага со 6000 војници во Ирак и 1000 војници во Сирија. 

Трамп пред изборите вети дека повеќе нема да ја меша САД во странски војни и туѓи конфликти, па доколку си остане на зборот и ги повлече војниците регионот повторно ќе се дестабилизира со етничко насилство и меѓусекташки судири. 

Доколку војската остане како гарант на стабилноста ќе се соочи со герилски напади и ќе биде изложена на голем ризик, а самиот број не е доволен да се воспостави нов сооднос на силите за што доволно говори фијаското во Ирак. Деновите на ИСИС можеби се одбројани, но идејата за глобален џихадизам е далеку од стишена. 

Затоа треба активно да се работи за интеграција во европското општество што ќе спречи поголема радикализација на младите кои сакаат да се борат и да ги намали последиците од индоктринизацијата која е презастапена во друштвените мрежи и бројните веб сајтови кои отворени пропагираат пресметка со неверниците. 

Автор: Христијан Станоевиќ