Што разговараа Јотова и Колиас Царуха за името на Македонија?
Објавено во: Балкан 15 Декември, 2017
Проблемот кој Грција го има со уставното име на Република Македонија била една од темите за кои денеска во Солун разговарале бугарската потпретседателка, Илијана Јотова и грчката заменичка министерка за Македонија и Тракија, Марија Колиас Царуха, јави БТА.
Јотова изразила уверување дека во 2018 година ова прашање ќе се реши со прифатлив компромис за сите земји во регионот.
„Се надеваме на позитивно решение кое не ја засега нашата историја“- изјавила по средбата Колиас Царуха.
Двете функционерки разговарале за многу прашања меѓу кои и за претстојното претседателство на Бугарија со Европската унија.
„Имаме амбиција 15 години подоцна да го продолжиме Солунскиот процес. За шесте месеци на бугарското претседателство со Советот на ЕУ вниманието на цела Европа ќе биде насочено кон Балканот. Една од нашите задачи е да ги надминеме стереотипите, дека овој дел на Европа е послабо развиен“- рече Јотова.
Таа додаде дека помошта на Грција во подготовката на бугарското претседателство е многу важна.
На состанокот станало збор и за мигранстаката криза, Договорот од Даблин, билатералните проекти меѓу двете земји, како и прекуграничните иницијативи финансирани од европските институции.