28 Март, 2024
0.0253

Што сакал да ни порача евангелистот Лука?!

Објавено во: Колумни 27 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Акумулирањето на функции е сериозен општествен проблем и практика од која до сега ниту една власт не смогна сила да се откаже. Станува збор за практика преку која власта добро ги етаблира и "вдомува" оние кадри што најмногу придонеле (лепеле плакати или присуствувале на сите предизборни митинзи, независно од нивната стручност и компетенции) или се најблиски до актуелните моќници, без разлика дали тие се во локалната или во централната власт.

Така на локално ниво има советници од советите на локалната самоуправа кои покрај советничките позиции добиваат директорски функции во училиштата или јавните претпријатија, во надлежност на локалната власт или се кооптираат во нивните управни или надзорни одбори.

На централно ниво имаме далеку посериозни ситуации. Се бара човек со појака позиција во власта за да се среди работа за директорско место, за членство во управните или надзорните одбори на претпријатијата кои се во надлежност на владата, во акционерски друштва во кои државата учествува со значителен дел од акционерскиот капитал и конечно, без амин од владата не поминуваат ниту директорите, членовите на управните и надзорните одбори на регулаторните тела и покрај тоа што тие согласно законот трба да се независни, а на сето згора и се во надлежност на Собранието. Тука борбата е жестока, бидејќи платите и надоместоците се утврдуваат со множење на просечната плата со солидни коефициенти.

Бројни се аферите кои го следат и овој период, како што беше случај и во изминативе 27 години од независна Македонија, со еден збор се сменија само играчите, се сменија дресовите, но не и појавата на непотизам и акумулирање на функции, а со тоа и на моќ во поединци кои имаат спорна стручност и компетенции да вршат конкретни функции, но високо котираат кај партиските моќници. Во оваа смисла, не е тајна дека во владата од дамна е поделен колачот, кои места на кој коалиционен партнер ќе му припаднат. Наместо како пример да се земат најдобрите европски практики и за тие места да се бараат најстручните и најкомпетентни кандидати кои ќе се пријават на оглас и ќе понудат своја програма за работа, владата својата агенда за репартизација во голема мерка веќе ја реализира, а во еден помал дел, каде што постојат процедурални пречки ќе биде рализирана кога ќе се создадат услови за тоа.

Државната комисија за спречување на корупцијата, онака без компас е немоќна нешто да стори и покрај тоа што таквите појави се косат со Законот за спречување на корупцијата и спречување на судир на интереси.

Постојниот закон е застарен и не е ефикасна алатка во рацете на комисијата, мерките кои се предвидени во случаите на судир на интересни, можеби би биле актуелни во времето на социјализмот, но од денешен аспект, тие се не ефикасни и не ефективни. Значи, потребен е нов Закон за спречување на корупцијата и спречувањето на судир на интереси, со нови правила на игра, со мерки кои ќе се однесуваат пред се кон тие што именуваат и поставуваат, а потоа и кон именуваните и поставените. Животот за сите во новиот општествен амбиент не смее да биде просто оддолжување кон партиските послушници, ниту мегдан за одмерување на силите меѓу партиските моќници и блиските до нив.

На времето, кога за градоначалник на Скопје беше поставен господинот Трифун Костовски, во емисијата Слушајте радио, кажа дека ќе формира холдинг компанија која ќе ги сервисира сите административни активности на јавните претпријатија во градот, правни, кадровски, сметководствени, информатички и тн. по примерот на Љубљана. Со тоа, тој најави дека ќе се намали градската администрација, ќе се намалат трошоците во работењето и тие средства ќе се пренаменат и искористат за други проекти од интерес за граѓаните. Арно ама, како што бидува кај нас, тоа не се случи, а причината беше во тоа што тогашната партија на власт која застана зад кандидатурата на Костовски, имаше многу лепачи на плакати, многу свои блиски, роднини и пријатели на кои мораше да им се оддолжи. Така, таа прекрасна идеја, кажана со најдобра намера пропадна.
Простете, но ако новиот живот е за тие на кои позицијата нешто им должи па ги етаблира на места за да си го наплатат минатиот труд, тогаш ништо не е сменето и не може изговорот да се бара во тоа дека и тие претходните истото го правеле.

Според евангелието по Лука, во она време некои разбојници претепале некој минувач, го ограбиле и фрлиле во каналот покрај патот. Поминале двајца фарисеи кои го забележале и рекле, ајде да го исчистиме човеков од пијавиците и комарците, па да продолжиме. Претепаниот имал сила да ги отвори очите и да им каже дека е подобро да го остават, бидејќи ако го исчистат од пијавиците и комарците, тие ќе го убијат. Неблагодарник, рекле и го оставиле. По кусо време поминал некој добронамерник, го земал страдалникот, го исчистил, го качил на магарето и го однел во некоја блиска меана, оставил два сребреника и го замолил меанџијата да го гледа човекот, а кога ќе се врати по некој ден ако треба ќе му доплати. По неколку дена човекот закрепнал и излегол да прошета во дворот на меаната. Таму го забележале фарисеите и се изненадиле што го гледаат жив. Му пришле и прашале дали знае што им кажал кога тие сакале да го исчистат од пијавиците и комарците. Да, одговорил човекот, ќе ме убиевте, на местото на ситите пијавици и комарци кои беа закачени на секаде по моето тело, ќе дојдеа нови, гладни, ќе ми ја доцицаа крвта и јас ќе умрев...

Сега во новиот живот, како да ни се повторува истата приказна, само со нови играчи, некои нови партиски жонглери ќе си ги преседат мандатите без желба да се рационализира бројот на административците, особено на оние што седат дома, а на први земаат плата или не дај боже да сторат нешто за да ги подигнат стандардите за работа на сервисните служби за граѓаните. Драги и велемудри министри, парламентарци и останати големци, прашајте се што ли сакал да ни порача светиот евангелист Лука?!

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?