Добивај вести на Viber
Денеска на блок трансакција на берзата, Фершпед ги продаде акциите од фабриката за чоколади „Европа“ кои само пред две недели ги купи од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Берзата денеска извести за блок трансакции со истата количина на акции, но за цена повисока само 10 денари по акција. Фершпед ги купи акциите по цена од 788 денари, а денеска ги продаде по цена од 798 деннари. Берзата не објави кој е купувач, а кој продавач, но истиот број на акции, и само малку повисоката цена сугерира дека продавач е токму Фешпед. Станува збор за 9849 акции на „Европа“, кои претставуваат 3, 71 % од вкупната акционерска структура на „Европа“. Со нив Фершпед стана најголем мнозински сопственик во фирмата, но денешната трансакција покажува дека фирмата ги купила, не за да остане во „Европа“ туку за да ги препродаде на некој друг бизнисмен.
Освен „Фершпед“ и „Макошпед“, значителен дел од сопственоста на „АД Европа“ поседуваат и фирмата „Вет фарм Трејд“ (16,8 %), и две физички лица: хрватскиот државјанин Боро Левентиќ (9 %) и косовецот Есамедин Хасани (8,5 %).
АД „Европа“ во сопствен откуп држи 10,4 отсто од акциите со право на глас.
Според информации што компанијата ги доставила до КХВ, во првата половина од годината „Европа“ остварила приходи од продажба во висина од 5,7 милиони евра, од кои како добивка и останале 170.000 евра, што е за 8 пати повеќе од истиот период лани. Компанијата има проценета номинална вредност од 13 милиони евра.