Што ветува Шешељ ако биде претседател?
Објавено во: Балкан 25 Март, 2017
Кандидатот на Српската радикална партија за претседателските избори во Србија, Воислав Шешељ вели дека ако победи, неговиот противник Александар Вучиќ ќе биде премиер, објави весникот „Данас“.
Шешељ ги демантира тврдењата дека е „лажна опозиција“ на неговиот соперник и дека Вучиќ го држи во раце, со тоа што му плаќа да не го напаѓа.
Тој додаде дека го критикува Вучиќ, но и му ги признава добрите страни.
Шешељ го пофали премиерот дека го издржал притисокот и не вовел санкции против Русија и одбил да ги предаде на Меѓународниот суд тројцата радикали обвинети дека заплашувале сведоци во судскиот процесот против него.
Шешељ беше обвинет за воени злосторства, но Судот во Хаг го ослободи од обвиненијата.
Тој го критикува Вучиќ дека учествува во дијалогот со Косово, води политика насочена кон ЕУ и кон воена неутралност и им дава субвенции на странските инвеститори.