Швајцарските образовни институции за хотелски менаџмент, врвни места за обука за туристичката индустрија
Објавено во: Мои пари 08 Мај, 2017
Повеќе од еден век, образовните институции за хотелски менаџмент во богатата алпска земја се сметаат за најдобри и привлекуваат студенти од целиот свет. Тоа пред сѐ се должи на високите стандарди за работа, но и на постојаното адаптирање и прилагодување на програмите според потребите на туристичката индустрија.
Швајцарските методи за обука вклучуваат комбинација на практични курсеви и теорија, но и применети бизнис вежби. Пристапот е од долу-нагоре, се учат детали за секој оддел и секоја работна позиција во хотелот или ресторанот, за точно да знаат кои се одговорностите на секој од вработените.
Студентите покрај врвната обука и образование кое го добиваат во овие институции, имаат можност и да посетуваат практикантска работа не само во Швајцарија, туку и во голем број на други земји. Најчесто тие добиваат неколку понуди за практикантство што зборува за реномето на овие образовни институции.
Над 90% од студентите во врвните образовни институции за хотелски менаџмент во Швајцарија се од други земји. Тоа во голема мера допринесува за интернационализација на швајцарските стандарди во хотелиерството.
Огромен број од студентите кои поминале обука во овие образовни институции се вработуваат веднаш по самото завршување. Процентот на вработувања варира од 85% до 100% на оние кои бараат работа. Најголем број од нив избираат помеѓу добиените 2-3 работни понуди, а голем број од нив се вработуваат на високи менаџерски позиции.