Силен пожар опасно блиску до фабрика за пиротехника во Тирана
Објавено во: Балкан 11 Август, 2017
Силен пожар кој вчера избувна во селото Куч крај Тирана, при што пламените јазици се прошириле во должина од 3 до 4 километри, опасно се приближува до фабрика за пиротехника што може да предизвика уште поголема опасност..
Освен противпожарни возила и десеттици пожарникари, во гаснењето се вклучени и многу припадници на албанската армија, како и доброволци, чиј приоритет е да се спречи проширувањето на пожарот. Побарано е во гаснењето да се вклучи и авион.
Инаку, како што јави дописникот на МИА, во Албанија и натаму секојдневно избувнуваат нови пожари, а со денови се активни повеќе огнови, поради што повторно е побарана помош од странство.
- Врз основа на одлуката на Европската комисија, Грција дополнително испрати уште два авиона за да и помогне на Албанија во борбата со големиот број пожари, кои ја зафатија речиси целата територија на земјата, јави тиранската телевизија Топ чанел.
Албанија помош за справување со пожарите на почетокот на месецов побара од Грција, која веднаш испрати два авиона, како и од Италија, од каде пристигна хеликоптер.