Силни ветрови и врнежи во Британија и Германија
Објавено во: Свет 13 Јануари, 2017
Голем број на области во Англија се пред поплави откако денеска имаше силни ветрови и врнежи од дожд и снег, соопшти Ројтерс.
Како резултат на лошите временски услови беа откажани летови и затворени се училишта, а патувањата се прекинати.
Околу 100 предупредувања за поплави се во сила во цела Велика Британија, од кои 11 се за висок степен на опасност, што значи дека постои закана по животот на луѓето.
Властите стравуваат дека зголемувањето на водите може да доведе до поплави во некои источни крајбрежни области.
Силните ветрови ќе продолжат да беснеат во Северна и Источна Англија денеска, а на запад ќе паднат врнежи.
Силно снежно невреме предизвика хаос денеска и во Германија, откако стана причина за нарушувања на транспортот низ целата земја, а некои области останаа без електрична енергија поради силни ветрови, пренесоа агенциите.
Блокирани се автопати и железнички врски, а 125 од 1100 летови на аеродромот во Франкфурт, закажани за денеска се откажани поради налетите на ветрот од 140 километри на час.
Метеоролошките служби предвидуваат дека денеска на некои места во Германија ќе наврне снежна покривка до 30 см.