23 Април, 2024
0.0274

Кој регион е посиромашен, источниот или западниот?

Објавено во: Анализа 16 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Секој трет македонец бил сиромашен и во 2011 година. Податоците покажуваат дека и минатата година сиромаштијата изнесувала огромни 31 процент. Македонска платформа против сиромаштијата денеска го промовираше годишниот извештај за сиромаштијата и социјалната исклученост, кој годинава ги анализира трендовите во осум општини. Велес, Гостивар, Штип, Струга, Куманово, Прилеп, Струмица, скопска Кисела Вода се општините каде се скенирани политиките на сиромаштија и социјална исклученост..
„Нема универзални дефиниции и мерки за борба против сиромаштијата. Извештајот е основа врз која треба да работат надлежните за да се искорени сиромаштијата. Во Австрија 6% се под прагот на сиромаштијата, а има уште 12% кои се на граница на сиромаштијата“, изјави Томас Михаел Бајер, амбасадор на Австрија во Р.Македонија.
Трендови за општините
Во Велес, стапката на невработеност од 20 - 64 години изнесува 30,21%. Во Гостивар таа изнесува 16,45%, во Штип 17,1%, во Струга 18,8%, во Куманово 34,18%, во Прилеп 38,95%, во Струмица 39,53%, во скопската општина Кисела Вода 17,98%.
„Од вкупниот број на невработени во Струмица 64% се од село, а 36% се во град. 6,9%од невработените користат социјална помош, каде се останатите невработени. Како преживуваат, како да ги таргетираме за да ја намалиме сиромаштијата“, вели Мила Царовска, претседател на Платформата против сиромаштија.
Невработеност по градови (20-64 години)
Струмица 39,53%
Прилеп 38,95%
Куманово 34,18%
Велес 30,21%
Струга 18,8%
Кисела Вода 17,98%
Штип 17,1%
Гостивар 16,45
Во Куманово и Гостивар регистрирани е највисока стапка на домаќинства кои користат социјална помош, над 15%. Во одреден број општини има повисока стапка на вработеност како што се Струга и Струмица, за разлика од Кисела Вода каде има двојно пониска регистрирана вработеност. Куманово има проблем и со образовни капацитети.
„Во Куманово има многу аномалии во образовниот процес. Околу 40% од децата се надвор од системот на заштита, особено во предучилишните установи. Недостасуваат капацитети кои ќе ги примаат сите деца“, изјави Владимир Илиевски од Институто за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје.
И покрај големите разлики во регионите, ниту една од анализираните општини нема локални политики кои не треба само да се подготват туку за нив треба да се одвојат и буџетски средства за реализација.
„На национално ниво треба да се види кои се општините на кои им недостасува помош и секако потребна е подршка на општините во изработката на локални стратегии“, рече Маја Геровска Митев, уредник на годишниот извештај за сиромаштијата и социјалната исклученост.
Препораки за намалување на сиромаштијата
Подобрување на образованието на населението во функција на дошколување на ранливите групи, како и нивна преквалификација заради намалувањето на невработеноста и подобрувањето на животниот стандард на населението, понатаму зголемување на покриеноста со здравствена заштита на ромското население, особено кај хронично болните. Овозможување приоритетност и зголемување на опфатот на социјално ранливите групи во однос на користење на активните мерки и програми за вработување, зголемување на капацитетите за предучилишно образование заради вклучување на поголем број деца и поголема промоција на услугите и мерките од Законот за социјална заштита меѓу лицата со попреченост.
 Европската комисија загрижена за сиромаштијата
Во својот последен извештај ЕК во поглавјето кај невработеноста и сиромаштијата не забележа напредок.
Многу високата невработеност останува голем предизвик, особено во однос на жените и младите луѓе. Социјалниот дијалог е подобрен, но улогата на социјалните партнери треба да бидат дополнително зајакнати. Сиромаштијата е се уште голема и вклучувањето на Ромите, лицата со инвалидитет и другите социјално исклучени лица е ограничен. Неопходни се дополнителни напори за антидискриминација. Целокупната административниот капацитет треба значително да се зајакне со цел да им помогне на имплементација напред. Севкупно, подготовките во оваа област не се многу напреднати“, констатира Европската комисија во последниот извештај за напредокот на Македонија.