19 Април, 2024
0.0283

Дали сивата економија станува паралелна економија во државата?

Објавено во: Колумни 14 Март, 2013

Добивај вести на Viber

Високата стапка на невработеност во земјата (30,6%) сама по себе е голем општествен и развоен проблем. Ретки се семејствата од кои нема некој што не е вработен. Затоа интересот за намалување на невработеноста  е во фокусот на најшироката јавност, а посебно на политичките елити кои, на ова прашање, ја  градат или уриваат својата позиција во власта. Владејачките структури постојано настојуваат да прикажат дека состојбата со невработеноста се подобрува, особено  во време на предизбори , очекувајќи натамошна поддршка од населението воопшто и на невработените посебно. Се најавуваат можности за нови вработувања, а  невработените и во минималните шанси гајат надежи дека и ним ќе им се насмевне среќата да се вработат.

Се  заборава дека за да се намали невработеноста треба да се зголеми вработеноста, а за тоа се потребни значителни средства од домашна и странска акумулација. И додека не се зголеми обемот на инвестиции, информациите за намалување на невработеноста со повисока стапка од стапката на пораст на вработеноста само го замаглуваат реалниот проблем кој има силни економски, социјални, па и политички реперкусии. Намалувањето на невработеноста практично нема никакво значење ако во исто време не се зголемува вработеноста.

Објавените податоци според кои бројот на невработените во земјата во изминатите две години е намален за речиси  80.000, а бројот на вработените е зголемен за 15.000 јасно покажуваат несразмер во кој нема место за самозадоволство во однос на решавањето на проблемот со невработените. Корисно е да се согледа кој од пријавените во Агенцијата за вработување навистина бара работа, а кој само се пријавува за да оствари некои права од социјална и здравствена заштита. Само навидум смирувачки влијае информацијата дека речиси половината од пријавените се изјаснуваат дека се пасивни баратели на работа, т.е. се пријавуваат само да остварат некое право, но не и да се вработат. Но тоа значи дека околу 150 илјади невработени не се заинтересирани работно да се ангажираат во легалниот сектор односно дека стопанисуваат на „диво“. Ваквото сознание ја преполовува грижата за невработените, како социјално загрозени, но, во истовреме,  укажува дека земјата се соочува со голем економски проблем кој ги деградира пазарните односи на стопанисување кои треба да важат за сите стопански субјекти. Ако е точна претпоставката дека сивата економија остварува речиси 30% од годишниот БДП на земјата, односно  нешто над 2 милијарди евра тогаш вработените на диво се попродуктивни од 650.000 вработени легално во земјата. Нивниот годишен  БДП по „вработен“ надминува 13.300 евра, додека годишно остварениот БДП по вработен на легално вработените изнесува под 10.800 евра. Значи, вработените на „диво“ не се борат за преживување, во рамките на македонските состојби,  туку, просечно,  остваруваат подобра егзистенција од легално вработените. Притоа, на нивна сметка, остваруваат и дополнителна социјална и здравствена заштита. Ова значи дека сивата економија станува паралелна економија на легалната и веќе ја надминува во заработката по вработен. Долгогодишното вртење во маѓепсаниот круг на ниски стапки на раст и сиромаштија секако придонесе властите да „прогледуваат низ прсти“ на „дивото“ ангажирање, со намера да се  ублажат социјалните тензии.  Меѓутоа, како да се заборави на негативните ефекти од развојот на сивата врз легалната економија. Неодржливо е, на сметка на легалната  да се поддржува сивата. Таквата практика мора да престане. Толеранцијата на сивата економија, преку чистење на списоците на невработени, не е замена за креирање на активна политика на вработување. Многу не придонесува ниту вработувањето во државната администрација. Владата  не може да биде работодавец  кој ќе вработува  неограничено. Веќе се поставува прашање дали администрацијата може и натаму да се проширува, со оглед на тоа што финансирањето на нововработените може да се врши или со зголемување на давачките на  даночните обврзници или со прераспределба на постојните буџетски средства. И едното и другото се на граница на издржливост и се контрапродуктивни. Зголемувањето на даноците ќе ја ослаби акумулативната способност на фирмите и уште повеќе ќе ја намали нивната способност за нови инвестиции и вработувања во реалниот сектор. Додека пак, прераспределбата е речиси невозможна, ако не се намалат средствата за капитални инвестиции, а со нив во изминатиот период, како-така, се одржуваше извесна динамика на растот односно се избегнуваа  подолги рецесии. Затоа, крајно време е наместо да се бараат фиктивни решенија за невработеноста, да почнат да се бараат решенија како да се зголеми бројот на вработените во легалниот сектор. Во спротивно ќе се радуваме на помалиот процент на невработени, на сметка на растот на сивата економија која претставува рак рана на легалната економија, а пак со метастазирана економија, неможеме да зборуваме ниту за социјална, ниту за правна, ниту за демократска држава. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок