25 Април, 2024
0.1524

Сивилото на застојот во Русија

Објавено во: Колумни, Свет 26 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Минатиот петок на страниците на Фактор текстот околу тројниот сојуз за спас на Сирија (Русија,Турција и Иран) го завршив со констатацијата дека економската криза во Русија  е се повидлива за обичниот граѓанин. Да, токму за обичниот граѓанин. А не за економистите, домашни и странски, кои зборуваат за наѕирање на крај на рецесијата во таа држава. Зашто запирањето на рецесијата кон крајот на годинава и мал економски раст во наредната година, на што се надеваат оптимистички настроени руски и странски економисти, никако нема да се одразат врз напластеното сивило. Сивилото на застојот во Русија.

Изразот застој во Русија е познат уште од времето на Советскиот сојуз. За таков период го сметаат оној кога на чело на КПСС беше генсекот Леондид Брежњев. Во средината на 60-тите години во Русија почнуваат да се воведуваат некои пазарни односи и  таа петтолетка, до 1970 година, се смета за златна во советската економија. Се градело, се инвестирало во производни капацитети, а се живеело релативно ефтино и комфорно. Растот на цените на нафтата во светот во почетокот на седумдесеттите години го прави Советскиот сојуз „зависник од нафтата“. Тројниот раст на цените и откривањето на нови наоѓалишта во Западен Сибир доведуваат до голем раст на приходите од нафта. Од 600 милион на над 12 милијарди долари годишно. Плус извозот на гас. И политичарите забораваат на започнатите реформи, бидејќи има пари, а најважно било во државата да има стабилност. Дури и по цена на деградирање на економијата. Се реализираат економски неоправдани инвестиции. Редиците за дефицитарни стоки станувале се поголеми, а списокот на „достапни стоки“ за обичниот човек- се пократок. Она што денес го имате во Венецуела и други држави зависни во најголема мера од цените на нафтата. Трката во вооружување си го прави своето. Некој тој период го нарекуваат „златен век“ за армијата во парирањето на САД со нуклеарно оружје, но од друга страна нараснувањето на воената моќ значеше и невидени трошоци од буџетот и поткопување на економијата која едвај дишела. Знаеме како заврши Советскиот сојуз, во голема мерка плаќајќи ја цената на зависноста од енергенсите и желбата да има стабилност по секоја цена.

Поводот за констатацијата од почетокот на текстов, беше постот на мојот пријател од Москва, Сергеј Митин, новинар. Тој во својот пост вели дека сега не гледа каде можат да се заработат пари. Не станува збор за платите, бидејќи тој веќе подолго време не добива плата, туку има и приватен бизнис. Тој зборува за времињата од пред 25 години наваму, кога било можно , „при имањето идеја, решеност и инцијатива, да се живее нормално“. И не само за одмори и трошење. Туку и кога не требало да се смета на државата, дури и како распишувач на тендери. Еднаш во почетокот на 2000-тите тој имал добиено тендер, но после тоа се зарекол дека ќе нема во иднина работа со такво нешто. Можело да се заработува од приватниот бизнис без да смета на државно здравство, на државно образование. Без да се чека, било каде, помош од државата.

И сега за прв пат за 25 години – чувство за целосна бесперспективност. Зашто државата одамна се преориентирала. „Порано го молзеше бизнисот, а сега се префрли на граѓаните. Политичката диктатура прерасна во економска“, вели Митин. И додава дека во криза на бизнисот му е потребна некаква слобода. И тогаш од него би можело да се има нешто. Но одземањето на слободата создава бесправни граѓани и разните зафаќања во вид на даноци, надомести и сл. се само инструменти за апсолутно легален грабеж на пари од населението. Дури и експлоатација. А кризата, пишува Митин, тече осум години, а ништо не се менува. „Дојде време за физичка работа на свеж воздух и творечка работа. За душа. Во рамките на натамошното и целосно одделување на личноста и државата. Сега ставам печурки за на зима“, го завршува постот Митин.

Секој има право на свој став за стварноста со која се соочува. Но Митин не е единствениот кој така се чувствува. Некои економистите велат дека кризата во руската економија е долга речиси десет години. Значи некаде од после 2007 година. Годината кога претседателот Путин за последен пат се обидуваше да го одоброволи Западот за потесна соработка. А овој тоа го игнорираше сметајќи дека се’ уште ги има во раце адутите од победата во Студената војна. И токму оттогаш почна големото вложување на пари во модернизација на нејзината армија. Но имаше и пари за такво нешто. Во 2013 година БДП на Русија беше над 15 илјади долари по глава на жител. Сега тој е близу до 8.000 долари. Секако на ова влијае и падот на рубљата во однос на доларот и еврото. Доколку тоа не се смета БДП би бил околу 12.000 долари по глава на жител. И навистина во внатрешните економски односи тој пад не се чувствува многу. „Вината“ за падот на БДП е условена од ниските цени на нафтата кои од над 140 паднаа на 40-тина долари за барел. А слична е, иако не толку драматична и состојбата со цените на гасот. Економските санкции само додадоа масло на оганот.

Високиот БДП се темелеше на цените на енергенсите, но и на големиот број странски инвестиции во Русија. Но од 2014 година и санкциите го направија своето. Нема увоз на високи технологии, нема достап до странските пазари на пари, каде што Американците ја држат диригентската палка. Тоа се виде годинава кога Русите сакаа да издадат обврзници во  редност од над три милијарди долари. Американците јавно се „заканија“ на инвесторите дека доколку ги купат ќе имаат работа со нив. Па така беа издадени обврзници од нецели1,5 милијарди долари со камата од над четири проценти. Во моментов, поради слабата рубља доходно е да се инвестира во Русија, зашто и владата дава даночни повластици, но инвеститорите не се „тепаат“ масовно да дојдат во Русија. Останува да инвестираат домашните компании, но кредитите на руските банки се многу скапи. Државниот долг на Русија е релативно низок и изнесува околу 20 проценти од БДП.

И во вакви услови, последиците се - над 20 милиони население зад линијата на сиромаштијата. Тоа е 14 проценти од населението со месечни приходи од околу 150 евра. Пензиите годинава не беа индексирани, а наместо тоа владата реши на секој пензионер да му исплати по 5.000 рубљи (околу70 евра) еднократно кон крајот од говинава. Можеби ќе бидат исплатени пред изборите за Државната дума. Згора на тоа Русија се’ уште е скапа и лани имаше инфлација од 15 проценти. Годинава се планира таа да биде пониска. Но цената за тоа е голема. Русија посегна по Резервниот фонд, за кој велат дека во 2017 година ќе секне. Во услови кога над 50 милиони Руси беа принудени да потрошат лани повеќе од што заработиле, нормално е да се праша како реагираат тие на она што се случува со економијата?

 По воведувањето на патарина на некои правци во Русија, по високи цени, таканаречениот „Платон“, се јавија транспортерите и организираа „марш“ со товарни возила кон Москва. Владата мораше да ретерира и да донесе нови мерки. Патем, зад „Платон“ стојат концесионери чии имиња се споменуваат како блиски до претседателот Владимир Путин. Деновиве кон Москва со трактори и товарни возила се упатија фармери од житницата на Русија, Краснодарскиот крај. Против нив беа пуштени специјални сили, полиција и тие мораа да се врата назад. Некои од организаторите се обвинети за разни законски нарушувања. Веројатно и таму ќе се преземат мерки кои ќе ги ублажат пробемите на фармерите, бидејќи не се исклучува тие повторно да се органзираат. А власта, како секоја друга, не би сакала народот да тргне кон Москва. Ова засега се ретки манифестации на незадоволство, но не значи дека тоа нема да расте.

За надминување на проблемите Путин има даде задача на видни еконмисти, во неколку групи, да ја „нацртаат“ иднината на Руската економија во наредните години. Посебно во периодот по 2018 година, кога ќе треба да се одржат претседателски избори, а на кои се очекува да се јавби путин и да добие нов мандат. И додека тие подготвуваат стратегии и решенија, често со спротивставен гледања, ескпертите од Високата школа за економија во еден свој извештај предупредуваат дека руската „економија која не расте, гние, губејќи ги шансите за обновување на растот. До 2018 година во Русија може да возникне темата на „изгубена декада“, сметаат тие. Рецесијата продолжува, иако не со таква острина како порано. Анкети меѓу економисти покажале дека и годинава ќе има пад, а опоравување се очекува во 2020 година и тоа од два проценти.

За многумина руската надворешна политика последниве години е пример на успешност. Тоа е така. Покажуваат и дипломатските успеси на Русија. Но на економски план работите се сосема спротивни. Во економската криза, покрај другото, свое влијание имаат и воените операции во Сирија, состојбите во Украина, но и присоединувањето на Крим, кој сега во голем дел е дотиран од државата. Места каде што Русија покажа завидна дипломатска успешност.

Дали Русија на Путин ќе оди надолу? Ако планот на руското раководство е да не се бранува многу дома и да не се прават реформи кои би го засегнале  населението, а на што повикуваат некои економисти, тогаш ни се повторува застојот на Брежњев. Никој не знае колку ќе треба да се чекаат нови повисоки цени на енергенсите. Растот од еден или два процента и тоа по некоја година, за Русија е продолжување за исто толку време и на стагнацијата. После Брежњев, по смртта на генералните секретари Јуриј Андропов и Константин Черњенко, дојде Михаил Горбачов, кој само ја констатираше стагнацијата.. Путин знае како заврши Горбачов и каква судбина го снајде СССР. Русија нема да ја доживее судбината на Советскиот сојуз, сепак е држава со пазарни механизми и каков-таков капитализам, но за застојот, доколку продолжи, ќе мора да се плати некаква цена.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД