СЈО: Осомничените со месеци го одолговлекуваат увидот во доказите
Објавено во: Македонија 06 Јуни, 2017
Осомничените во предметите на Специјалното јавно обвинителство и нивната одбрана, која најчесто е водена од Никола Додевски, адвокатот кој се јавува во сите случаи, ги злоупотребуваат своите права кога со месеци бараат да вршат увид во доказите, тврди обвинителката од СЈО Ленче Ристоска.
Како пример посочи осомничен кој доказите ги има добиено во електронска форма, а ќе му требало време до Нова година за да ги разгледува.
„Нашите осомниени лица речиси без исклучок дојдоа во СЈО и дадоа изјава дека бараат увид во доказите. Увид вршат повеќе од месец дена. Доказите им се дадени и електронски на ЦД, а имаме и еден допис со кој што не известуваат дека на едно осомничено лице му треба време до Нова година за да го заврши увидот во доказите на ЦД даден дома. Значи очигледно е дека во овој случај одбраната ја одолговлечува кривичната постапка, го одолговлечува моментот на испитување на осомничените лица пред јавнот обвинител се со цел да оневозможи во рамки на законските рокови да бидат поднесени односно донесени соодветни јавно обвинителски одлуки без да прејудицираме за исходот на одлуката“, рече Ристоска.
Извор: ТВ 24