19 Април, 2024
0.0467

Скопје е загадено со се и сешто, со секакви и од секаде

Објавено во: Колумни 30 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Скопје е загадено, градот се гуши во смог, во нечист воздух, во некултура, во малограѓанштина, се гуши во парадна глупост градена, надградувана и проширувана, не во сто чекори, туку во петипол децениски од, од земјотресот до денешни дни, со тоа што во последните неколку децении, не се оди, туку се трча, можеби со најдобра намера, но последицата е гушење и валкање на градот в долж и попреку по сите основи и по сите линии.

Во отсуство на каков било попис, може да нагаѓаме колку илјади жители постојано се населени во градов, а на таа бројка ако ги додадеме и тие што патуваат до своите работни места, а доаѓаат од другите градови, тие што студираат на високошколските институции и повеќе од девет месеци престојуваат тука, може да си дозволам слобода да лицитирам со бројки - во Скопје живеат можеби малку под еден милион граѓани.
Сите тие треба удобно да се сместат, да најдат покрив над главата, така непосредно после земјотресот, надвор од сите проценки и проекции за неговиот растеж и развој, градот беше прогласен за отворен град и нешто како голема преселба на нашите сограѓани, сите јурнаа да се населат во престолнината, во потрага по поубав и побогат живот, Скопје нагло почна да расте и да се проширува. Се изградија индустриски капацитети кои се надвор од секоја логика (само како пример, железара требаше да се изгради блиску до наоѓалиштата на железна руда - Кичево или Радовиш; рафинеријата во близина на Гевгелија), плодното земјиште од Аеродром, Тафталиџе, Влае и Ѓорче, се трансформира во градежно земјиште на кое никнаа големи населби со згради повисоки од десет ката, со што конечно се затвори ружата на ветровите кои секојдневно го чистеа градот од нечистиот воздух. На сето згора, сообраќајната инфраструктура која со проекциите требаше да ги задоволи потребите на градот до 2020 година, стана претесна уште кон крајот на осумдесетите години од минатиот век.

Инаку, природните струења на ветровите во скопската котлина се движеа долж течението на реката Вардар, Треска, Лепенец и Пчиња, во насока северозапад - југоисток, од Водно кон реката Вардар во насока југ - север и од Скопска Црна гора кон реката Вардар во насока север - југ. Со непланските градби на висококатници, со исполнувањето на апетитите на урбаната мафија, ружата на ветрови, како природни прочистувачи на воздухот во Скопје и скопската котлина дефинитивно се прекина.
Некако главниот град како да доби физиономија на голема замаглена од смог глава наседена на мало тело испразнето од луѓе, со запустени и празни села. Тешко е да го опишам ова, но немам друг израз за држава од два милиона и некоја стотина илјади жители, а во главниот град да живеат можеби половината од вкупниот број жители во државата.

Во ред е владата на Република Македонија да биде со седиште во Скопје, но зошто седиштето на министерството за култура не е во Охрид; на труд и социјала во Штип; на транспорт и врски, на економија не се во Битола; на образование во Велес; на министерството за земјоделие во Тетово; и тн. Дали мора се и сешто, по секоја цена да биде сместено во Скопје, а со тоа во градов, со секоја нова гарнитура на власт да се носат граѓани на привремена или постојана работа од внатрешноста, која патем кажано се повеќе се запустува и пропаѓа?! До кога тоа ќе биде така, младите се исселија во странство, тоа малку индустриски капацитети што некогаш беа успешни сега ги нема, а тие што останаа сета надеж за среќа си ја бараат во големата загадена глава на оваа наша мала држава, во Скопје.

Се купија нови автобуси во ЈСП, колку ли малку време требаше истите да се испошкртаат со имиња на разни будали, да се оштети инвентарот во нив?! Градското ѓубре се собира во контејнери поставени на не соодветни места, така што ѓубрето прелева по тротоарите, по зелените површини, тука и таму обид да се постават посебно обележани контејнери за селекција на отпадокот, но ништо од тоа, многу често ќе видете и контејнери преполнети со шут, градското зеленило е полно со измет од кучиња, а причината - отсуство на граѓанска култура, свест и одговорност за околината. Градов генерално е нечист, не само од смог, нечистотија и ѓубре, туку вришти и од некултура, примитивизам и малограѓанштина. Шизички е да се ждригне во кафеана, гласно и непристојно да се смее, да се псуе, да се р'ка и плука по плочниците, да се покажуваат мускули и сила таму каде што не треба, да се вози слалом низ улиците со голема брзина, да се минува на црвено, да се пишуваат недолични и навредливи графити. Кој и како ќе го исчисти градот од овој архипримитивизам што е се поприсутен на нашите улици, во кафулињата, во рестораните, а веројатно доаѓа од домовите на некои наши сограѓани. Надлежните како да се отсутни, а има и закони.

Градоначалникот на Скопје, господинот Шилегов, во предизборието, полн со ентузијазам, како што бидува, ветувајќи се и сешто, вети и брзо решение на проблемот со загадувањето на градот, но многу бргу го сфати тоа што ние, повозрасните од дамна го знаеме, дека проблемот со загадувањето на воздухот не е решлив со парцијални решенија, ниту има јунак што тоа ќе го реши во догледно време.
Гасификацијата на градот мора да е првиот крупен чекор во таа насока, а потоа и дисперзирањето на министерствата и другите државни институции по другите градски центри во републиката, белки и тие имаат право на побрз и рамнометен развој, а такви примери има скоро во сите развиени европски земји.

А што се однесува до останатата ментална нечистотија, со неа ќе живееме се додека постои селективна правда, важење на законите за едни, а за други не, и се додека и пратениците и останатите функционери не почнат да ги оставаат своите стари, половни и не удобни возила на влезот во градот, а патувањето до центарот на градот да го продолжат со комфорните автобуси на ЈСП...ох, простете, читав нешто од утопистите, очигледно оставиле силен впечаток на мене, па забегав.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок