25 Април, 2024
0.0274

Скопје ја чека Москва да даде зелено светло за гасоводен крак кон Македонија

Објавено во: Анализа 09 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

На седми декември и официјално започнува изградбата на рускиот гасовод Јужен поток. Вредноста на целиот проект изнесува неверојатни 16 милијарди евра. Трасата на гасоводот од руското пристаниште Новорусијск ќе води по дното на Црно Море до бугарското пристаниште Варна, преку Балканскиот Полуостров, Србија, Унгарија до Австрија и преку Грција до Италија. Гасоводот во Србија и во Бугарија треба да влезе кај Заечар, а да излезе кај Суботица на границата со Унгарија. Наспроти неодамнешни најави на македонските власти, земјава, сепак засега ја нема на мапата на Јужен поток. Овој проект дефинитивно ја заобиколува и Хрватска, потврдија од Москва челниците на енергетската компанија Газпром. Министерот за финасии Зоран Ставрески сепак е оптимист До декември ќе се знае одговорот од Русија кои идејни решенија се најсоодветни Македонија да стане дел од гасоводот Јужен поток. Веќе се разгледува и целата техничка документација што Македонија ја подготви, велат од Гаспром Експорт. Одговорот како што изјавуваат од компанијата се очекува Москва да го даде за еден месец. И покрај тоа што се чека зелено светло од Москва, Македонија нема да извиси, вели министерот за финансии Ставрески, и истакна оти „не е важно дали земјава ќе го потпише договорат пред стартот на изградбата или во текот на реализација на проектот кој треба да заврши за три години“. Зошто Македонија не успеа навреме да фати руски приклучок? Останува нејасно зошто земјава не успеа навреме да се приклучи кон Јужниот поток. Во јуни годинава, македонските власти преводени лично од премиерот Никола Груевски имаа средби со генералниот директор на „Газпром“, Алексеј Милер. Каде и како се стопи првичниот оптимизам, особено после официјалното соопштение кое македонските власти го дистрибуираа на 22 јуни? Алексеј Милер информираше дека „Газпром“ има подготвено нацрт-договор за приклучување на Македонија кон Јужен поток, кој во текот на следниот месец (јули 2012) преку руското Министерство за енергетика и официјално ќе ѝ биде доставен на разгледување на нашата земја, со што започнуваат сите конкретни процесни дејства околу овој проект во однос на нашата земја, соопшти Секторот за односи со јавноста на Владата. „Тоа ќе биде една сериозна поддршка на енергетскиот систем на Република Македонија и поддршка на компаниите на коишто им е потребен гас и кој што ќе им биде долгорочно снабдување со енергија“, оцени во јуни македонскиот премиер Никола Груевски. Ако се вклучи во Јужен поток, Македонија ќе биде само потрошувач на гасот Што се случи од тогаш до сега и зошто веќе 4 месеци нема никаква најава, за гасифицирање на Македонија, останува прилично нејасно, иако нема причина да не веруваме дека има надеж земјава да добие барем еден крак од гасоводот. Ќарот од тоа ќе биде добивање гас, и во еден сегмент осигурана енергетска стабилност. Сепак, тоа ќе значи дека Македонија ќе биде само потрошувач на гасот, а не транзитна територија, од што земјата би можела да има и екстра профит.  И.М.