Добивај вести на Viber
Девет одобренија за поедноставени постапки и одзеде Царинската управа на скопска компанија за преработка на нафта и нафтени деривати, откако утврди дека сериозно ги прекршила царинските правила и прописи.
Укинати се одобренијата за овластен примач, за локално царинење при увоз, за овластен испраќач и за локално царинење при извоз зашто фирмата не се придржувала кон одредбите од одобренијата и од Царинскиот закон, како и кон Уредбата за спроведување на Царинскиот закон.
Надлежните служби утврдиле дека компанијата увезувала стока забранета за увоз. Против неа се поднесени кривични пријави за „царинска измама“ и „криумчарење“, а се водат и прекршочни постапки за вкупно 561 записник за царински прекршок.
Според Царинската управа, компанијата скоро цела година работела без потврди за општа гаранција за транзитна постапка и не ги доставувала сите потребни документи веднаш или најдоцна до наредниот работен ден што претставува грубо кршење на царинските прописи.
Минатата недела Царината одзеде одобренија за поедноставени постапки на две други фирми од Скопје.