29 Март, 2024
0.0273

НОВА АКАДЕМСКА ГОДИНА - СТАРО НОВИ ПРОБЛЕМИ

Скромна храна и многу неисполнети ветувања за студентите во „Стив Наумов“

Објавено во: Македонија 24 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

И годинава заборавени од надлежните веќе 26 години, студентите во женскиот блок во студентскиот дом „Стив Наумов“ се вселија во катастрофални услови, кои се под секое човечко достоинство.

Над 2000 млади луѓе чија цел е да напредуваат во животот преполн со предизвици ќе живеат во лоши услови, дотраена зграда, руинирани тоалети и влага во собите.

Над 50 девојки и по некое момче на кат ќе делат еден туш и неколку чучавци а вратите кои не се затвораат шират страв за време на туширање.

Кога би дошол некој од страна прво што му падне на ум е дека во оваа зграда не живеат студенти туку истата е дел од некој хорор филм. Наоколу грди слики кои со тек на време стануваат се подепресивни, место недостојно за живот на млади луѓе.

Студентската населба Стив Наумов е составена од три згради и 8 павиљони.

Првите две згради се изградени во 1964 , додека третата зграда е изградена во 1992 година.

Пред две години, во употреба беа пуштени новите павиљони кои никнаа на местото на старите бараки. Единствено во нив, условите за живот се нормални.

Ниту во остантите две згради состојбата не е нешто подобра. Иако неодамна реновирани, поради неквалитетна градба доволно е да заврне еден дожд и се ќе ви стане јасно.

Влажни и мувлосани ѕидови ќе затекнете во поголемиот дел од собите во кои ќе влезете. Но, за разлика од претходно, сега е подобро. Собите се потопли и е донесен нов мебел.

„Условите во студентските домови се од година в година се полоши, затоа што ништо не се менува, а како што минуваат годините, така е се полошо и полошо. Има некој обид за прикажување дека оди кон подобро, но студентите уште го немаат почувствувано тоа на свој грб“, вели за Фактор студентот по новинарство Кирил Манасиев кој е сместен во овој дом.

Надлежните во домот тврдат дека постојано алармираат на потреба од реновирање на женскиот блок во Стив Наумов, но засега само полни усти со празни ветувања.

Колку ли треба да си силен за немо да молчиш и да го газиш сопственото достоинство без да кренеш глас за условите на живеење и студирање? 

Прашање кое деновиве полека почнува да ја менува сликата за академските граѓни или само фикција?

Социјалните мрежи се местото каде денеска секој може се да види и слушне, а информациите се шират со брзина на светлината.

Така и ние прво слушнавме, па видовме а и на крај уште еднаш сами се уверивме...

Како живеат студентите во студентскиот дом „Стив Наумов“. Како се хранат? Имаат ли доволно оброци на ден? Прашање кај кое ќе подзастанеме...

Недостиг на храна – место платежни бонови има електронска картичка

До крајот на годинава платежните бонови целосно ќе заминат во историјата. Се воведува електронска картичка со која студентот ќе има право да ја користи за оброци во домот каде е сместен, а не како претходно – со бонови јадеш во било која студентска менза.

И вработени во домот и студентите со ист став. Електронските картички се грешка.

„Воведувањето на електронска картичка наместо платежни бонови е огромна грешка на надлежните, кои избрзаа во одлуката и направија вистински хаос со картичките. Колку само бонови ќе им пропаднат на студентите, можете сите да претпоставите, а секако, сето тоа повторно на штета на вселените студенти во домовите. Сите студенти се едногласни, како и јас, а тоа е дека платежните бонови мора да се вратат во функција, а електронските картички да бидат само идентификација дека тој студент е вселен во некој студентски дом“, вели  Манасиев .

За студентот да добие електронска картичка треба да плати дополнителни 200 денари. Но и покрај имањето на таква електронска картичка може да остане гладен.

Кусокот на храна е одвишна тема. Токму со електронските картички се воведе и нов временски термин за оброк во СД Стив Наумов.

До лани можеше да јаде секој и во секое време и во мензата и во бифето. Од годинава студентите имаат право на само два оброци.

Оброк можат да добијат само во 11 и 14 часот и од 17 до 20. . Во тој оброк може да добијат само една до две виршли, варено или пржено јајце и парче кашкавал, сето тоа надополнето со две кришки леб.

Електронската картичка не е доказ дека студентот ќе ја добие скромната храна.

Сепак и во 19 часот да отидат, велат студентите нема да најдете ништо и ќе си легнете со празен стомак.

За недостигот на храна во мензата во 19 часот прв на социјалната мрежа со видео снимка на Фејсбук јави токму нашиот соговорник Кирил. Тој отишол во менза но таму доби суров одговор и недолично однесување на вработените „теткици“.


Вчера се дозна и дека главната шефица на менза е сменета од функцијата. Дали причината е погоре наведеното засега не се знае, но информацијата ја потврдија добро упатени извори кои апелираа на анонимност .

Сепак и вработените и управителите посочуваат дека постојано алармираат до нивните надредени за состојбата со храната во домовите. Ама засега изгледа без ефект.

Студентите лишени од исхрана еден месец

Студентските домови им скратиле бонови за исхрана на студентите за последниот месец од минатата учебна година иако тие уредно платиле по 2.000 денари за тоа пренесоа порталите пред два дена, а информацијата за Фактор покрај добро упатени вработени во студентските домови, ја потврдуваат и самите студенти. Не се работи за еден или двајца , туку за поголем број на студенти.

Грубо пресметано на сметките на домовите завршиле близу 200.000 евра од уплатите на студентите за исхрана. Надлежните ветиле, но досега не им се исплатени боновите на студентите.

„Лично јас имав таков проблем, како и секој мој колега, пријател, цимер и другар кој го познавам и минатата година бил сместен во студентски дом. Има различни примери, некој не зел бонови за еден месец, но има и многу примери со повеќе месеци, три односно четири, што значи и голема сума на бонови (12.000 и 16.000). Во јуни, кога се исселувавме од студентските домови, добивме устно ветување дека боновите ќе ги добиеме во септември, во меѓувреме, во август наводно на Совет било изгласано студентите кои уредно платиле и треба да ги земат своите бонови, да останат со празни раце“, вели студентот Кирил.

Според договорите за сместување, годината завршува до 30 јуни и секој месец се уплатуваат средства за станарина и по 2.000 денари за исхрана. Во домовите се сместуаат по 6.000 студенти, па пресметајте која сума ја  добиле домовите, а не ја реализирале обврската за обезбедување вредносни бонови за храна на студентите.

Плусинфо од Државниот студентски центар на прашањето зошто студентите не ги добиле боновите за месец јули доби одговор кој гласи: „ Студентите кои ги користеа нашите услуги заклучно со изминатата академска година, согласно договорите за сместување, престој и исхрана, имаа обврска за подмирување на трошоците најдоцна до 10ти, секој тековен месец, по што ги добиваа боновите.

Од оваа академска година, праксата за подмирување на обврските останува идентична, со тоа што повеќе не се издаваат нови бонови. Во употреба се пуштени електронски картици, додека оние студенти на кои им останале неискористени бонови, имаат можност да ги искористат до крајот на 2016 година, така што ниту еден студент нема да биде оштетен“. И Фактор чека одговор на истото прашање.

И надлежните во студенстките домови пак не испратија по одговори на истата  адреса.

Велат тие се одговорни само за сместувањето додека за исхраната е главен Државиот студентски центар.

И студентите велат свесни се каде треба да се обратат.

„Колку и да тропаме на врата на управителите во домовите, да апелираме и да укажуваме на проблемите, сите сме свесни дека решение на проблемите треба да побараме директно во министерствата и во министрите чии удобни фотелји ги плаќаме сите студенти“, потенцираат и го делат истото мислење мноштво студенти, дополнувајќи дека како што ќе наложат ресорните министерства тоа и се прави.

Корупција во студентските домови и сместување по партиска линија

Досега капацитетите во студентскиот дом Стив Наумов се исполнети околу 90%, но вселувањата во домот траат сеуште и најверојатно леглата ќе бидат исполнети до врв.

Иако студентите се соочени со лошите физички услови во домовите, интересот за добивање на простор во домовите е голем, а патот да се стигне до клуч е тежок. Има индиции за нерегуларности во начинот на распределбата на собите факт кој го докажале многу истражувања.

Факт е дека отсекогаш биле потребни врски за добивање на легло во студентските домови.

Меѓутоа, оваа проблематика која веќе десетина па и повеќе години е дел од проблемите на академските граѓани никако да заврши.

Ништо повеќе не треба да не изненадува во државата па и тоа дека критериум да добиете место во студентски дом е партиска книшка.

„Муабетите кои кружат меѓу сите студенти се тие, дека за влез во студентски дом, мора да имаш врски.

Јас лично влегов без врски, но постојат примери за кои сите знаат дека влегле во студентски дом со врски. Не знам колку улога има партиската книшка, но се случија премногу чудни одлуки, за сите тие да бидат случајни“, вели Кирил Манасиев во однос на ова прашање.

Со години наназад веќе и партиите се препукуваат за студенските места и распределба на легла во нив..

Владеачката гарнитура секоја година ветува дека ќе се санкционира секоја злоупотреба за доделување места во студентските домови. Од СДСМ пак апелираат, наместо празни апели, Владата да преземе конкретни мерки за легално добивање место во домот, наместо по партиски клуч.

“Полна уста”  ветувања за студентите, реална идеја или кампања за изборни цели?!

Избори се ближат, а трката за престојните парламентарни избори продолжува и за прибирање на студентските гласови. Политичките изборни програми и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во посебни поглавја го третираат високото образование. Подобрување на студентскиот стандард, реконструкција на студентските домови, стипендии, вработување-ова се само дел од политичките ветувања и на Власта и на опозицијата за да се стигне до студентски глас повеќе.

Опозицијата во својата изборна програма најави вработување на пракса или обука за младите веднаш по завршувањето на факултет.

„Гаранција за млади“ е проект кој велат го базирале на многу добри европски искуства и пракси, а го прилагодиле за македонски услови. 

Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринскапрезентирајќи го овој прокет рече дека истиот ќе значи гарант на сите млади граѓани во Македонија дека веднаш по завршувањето на образованието во рок од четири месеци секој млад човек ќе може или да го продолжи образованието или да добие понуда за работа или да добие можност за практика, обука или тренинг со којшто ќе се прилагоди на потребите на некое работно место коешто е на располагање. 

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ  Никола Груевски пак вети проектот за вработување на стоте најдобри студенти .

Законот со кој ќе почне реализацијата на проектот за вработување на стоте најдобри студенти веќе е подготвен од Владата и испратен до Собранието на Република Македонија и во следните две недели се очекува да биде усвоен.

Во Законот, како што истакна, е прецизно наведено колку студенти од кои универзитети ќе треба да се вработат, а најголем удел во вработувањето ќе има успехот постигнат во текот на студирањето.

Но, како и во секој предизборен период партиите имаат низа ветувања за студентите. Но, досега малкумина од ветувањата оствариле за движечката сила на општеството и иднината на државата.

За подобри услови, потребна е студентска сплотеност

Во атмосфера на страв и политички притисоци, на студентите повеќе од кога и да е досега, им е потребно организирање и борба за подобрување на условите во кои живеат. Но, тие тоа не го добиваат од официјалните студентски здруженија. Студентскиот парламент, чие раководство се бира на избори токму за да се бори за интересите на студентите, не ја извршува својата функција.

„Организациите кои треба нас да не штитат и да ни дадат поддршка овде, за сите студенти да се борат, го прават токму спротивното, ги нема никаде, нема на кого да се пожалиме и сами треба да се бориме за нашите потреби“, вели Манасиев од „Стив Наумов“.

Токму за изборот на студентскиот претседател наиде на голем отпор и бојкот кај студентите.
Студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во среда на 28 септември на првиот неофицијален студентски референдум, ќе треба да одговорат дали Студентскиот парламент треба да остане невладина организација или дел од УКИМ.

Од  Студентскиот пленум сметаат дека Студентскиот парламент кој ги претставува факултетите на државниот универзитет треба да стане дел од универзитетот со што ќе се обезбеди контрола  за трошењето на парите од  студентите.

Референдумот ќе се случи два дена пред седницата на Сенатот, кога сенаторите треба да решат кој модел на студентско организирање ќе го прифатат. Од Пленумот велат дека на овој начин сенаторите ќе можат да донесат одлука, откако ќе го слушнат гласот на студентите.

Инаку, по студентските избори, Ректоратот формираше две комисии кои требаше да ги разгледаат условите во кои се одржаа изборите полни со нерегуларности и промената на Статутот во однос на студентското организирање. Сепак од студентскиот пленум оценуваат дека тие биле неуспешни, а истите прашања сега ќе ги разгледуваат на Сенат.

„Морам да кажам дека Студентскиот пленум ја има целосно мојата поддршка, затоа што е крајно време сите студенти конечно да добијат вистински претседател, кој навистина ќе се бори за правата на сите студенти, без разлика на партиската книшка и ќе бидат топла на граѓани, која ќе биде почитувана и ценета во јавноста во Македонија. Референдум мора да има, затоа што изборите кои се реализираа воопшто не беа регуларни, навидум наликуваа на траги-комедија“, потенцира Манасиев.

Токму студентскиот пленум ја исправи  на нозе надежта која долги години наназад се крие во лавиринтите на студенстките домови.

Можеме само да заклучиме дека иднината на секоја држава се младите, на просперитетните општества е во рацете на студентите..

„Тие се онаа движечка сила и импулс која поткрева, потхранува, оплотува, развива. Студентите се онаа искра која го потпалува огнот на развој и просперитет, онаа искра која се вивнува и која жари во мигови на беспаќе и аномија, онаа искра која продорно запекува кога се наталожуваат неправди и безизлез-посебно за младата популација. Студентите се моторот на една држава, кои во турбулентните периоди на своите плеќи ги носат промените, но и ги трпат ударите на сите оние ретроградни сили, на сите оние зачаурени лица и институции, кои чувајќи си ги своите позиции, настојуваат по било која цена да ја осуетат секоја нова, позитивна и продуктивна идеја на студентската популација. Студентите се носителите на пролетта, на идеите кои широко ги отвораат вратите на новите просперитетни ветришта кои почнуваат да дуваат и кои имаат за цел да донесат бенефит и добробит за секој добронамерен жител на едно општество, како и за општеството во целина. Студентите се механизмот кој како мотор треба да ги покрене останатите во борбата за едно поинакво и подобро утре. За значението на студентите говори и  една стара мудрост, која вели: Ако сакаш да видиш како ќе ти се развива средината погледни ја студентската младина која живее во неа“, пишуваше професорката Татјана Стојановска Иванова во една колумна на фактор.

Ако не ги поддржуваме младите и не се бориме заедно со нив за подобра иднина, тогаш зошто живееме ?

Но, пред се, младите треба да се свесни дека сами треба да се борат за своите права и за она што им припаѓа.

Поаѓајќи од реалноста и сликата која денес ни се наметнува за македонскиот студент наидуваме на утописка размисла .

Отсекогаш социјалните мрежи е место каде го искажуваат својот револт преку фотографии од мизерни услови во студентските домови, слики кои го покажуваат субстандардниот начин на живеење на студентот од внатрешноста, слики кои ти ја параат душата.

Но, до каде е трпението, до кога студентите ќе трпат и толерираат...

Многу прашања но малку одговори. Сепак надежта дека ќе го кренат гласот за неправдите со кои се соочуваат во 21 век ги крева повеќето студенти.

Многумина посочија дека маглата која се надвиснала над нив полека се раскрева а од темните облаци продираат зраци на сонцето кои ќе им донесат нова поубава иднина на академците.

Ирена Р. Ставрова

Можеби ќе ве интересира

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

„ДУИ мисли на договор со кој цела територија на Македонија ќе се покрие со казина“: Хајредини со остра критика

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

Тројца починати и тројца тешко повредени во сообраќајка во Кичево

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

„ОВА Е САМО ЕДЕН ПРИМЕР НА НЕОДГОВОРНО, НЕЧЕСНО И ВАЛКАНО ОДНЕСУВАЊЕ“: Петровска ја доби тужбата против Ковачки

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

Курто Дудуш: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ни нудеа само директорски места, затоа отидовме со ДУИ

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

КУЌЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ОД УАПСЕНИТЕ ЗА УБИСТВОТО НА ДОКТОРОТ - прифатено барањето на обвинителите

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

„ДАЛИ Е ВИСТИНА ДЕКА СЕ ШТЕДИ НА ИНФУЗИЈА ЗА ДЕЦА И СЕ БАРА МИТО“ - лидерот на Левица со прашање за велешката болница

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ОВА СЕ ЦЕЛОСНИТЕ ПРАТЕНИЧКИ ЛИСТИ НА ВМРО-ДПМНЕ - еве кој ќе се натпреварува за собраниско столче во следниот парламентарен состав

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ПРАШИНА И ПЕСОК ОД САХАРА - топлотен бран над Балканот и пошироко, температурите и УВ индексот повисоки од просекот

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Уапсено е уште едно лице за убиството на лекарот во Железара