29 Март, 2024
0.0247

Слободниот трговски договор ЕУ-Канада и македонското земјоделство

Ќе издржи ли отпорот на Европската унија за влез на ГМО производи од Канада?

Објавено во: Агробизнис, Колумни 27 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Ќе издржи ли отпорот на Европската унија за влез на ГМО производи од Канада?

Македонија не е член на Европска унија, меѓутоа се декларира дека е кандидат за членство и дека ги применува нормите и стандардите на ЕУ. Македонската економија, а земјоделството особено се сериозно зависни од економијата на ЕУ, и тоа, како кај извозот на земјоделството и храната, а уште повеќе кај увозот на храна која сочинува околу 40% од македонските потреби. Познато е дека ЕУ не сакаше да потпише сличен договор со САД, заради можноста ГМО производи слободно да се увезуваат во ЕУ. Голем број познавачи на канадската економија и нејзината поврзаност со истата на САД изјавуваат дека најпрофитабилните копмании со највисоки извозни вредности во Канада се со доминантен американски капитал или се американски компании. Покрај генералното влијание врз европската економија, се очекува најнеповолно овој договор да се одрази врз земјоделството на ЕУ. Зошто? Бидејќи директно или индиректно некои компоненти на ГМО ќе ги содржат канадските производи, а чиј состав воопшто нема да биде означен. Според некои познавачи има стотина начини ГМО производите да влезат на пазарите на ЕУ. Познато е дека голем број големи компании одамна прават експерименти со геномодифицирани производи во земјите на Јужна Америка. Познато е дека цела Европа е преплавена со месни, а и зрнести производи од тие земји поради ниските цени. Се претпоставува дека е прашање на време кога ЕУ ќе се предаде и ќе го отвори пазарот на ГМО производи. Сигурно е дека тие сорти на зрнестите култури ќе ги потиснат останатите бидејќи се поотпорни на различни атмосферски влијанија. Истото ќе се случи и со животните. Новите раси ќе ги заменат старите, чие производство е далеку порентабилно поради повисок принос на млеко и месо. Заради тоа европските фармери се незадоволни бидејќи ќе бидат во загуба, под притисок  на пазарите со ефтини ГМО производи.

Има ли опасност од влез на ГМО производи во Македонија?

Како што веќе спомнавме, Македонија е поврзана со пазарите на ЕУ во однос и на извозот и на увозот на храна. Под влијание на ниските цени, нашите производи нема да бидат конкурентни на пазарите на ЕУ. Исто така поради пониските цени со кои ќе ги увезуваме прехрамбените производи, домашното производство ќе биде во неповолна положба. Каков е излезот, при претпоставка да се остварат очекуваните последици од потпишаниот слободен трговски договор помеѓу ЕУ и Канада за Македонскиот агрокомплекс? Претходно, треба да ни биде јасно дека независноста од пазарите на ЕУ во однос на увозот на храна не може брзо да се надмине, поготово не со супституција со домашни производи.

Уште подолг период ќе ни биде потребен да најдеме пазари на кои нашите примарни но и финализирани земјоделски производи ќе бидат конкурентни, бидејќи нашата уситнетост на земјоделските капацитети и ниската продуктивност на примарното производство е сериозен хендикеп на пазарот воопшто. Нашата прехрамбена индустрија е од ниско финално ниво, застарен асортиман и амбалажа, неразвиен маркетинг и ниска продуктивност на трудот.

Нашето земјоделство, ќе има уште еден во перспектива голем проблем поради неизбежното негативно влијание на климатските промени. Прашање е каков развој треба да се очекува во блиска а особено во подалечна иднина кај Македонскиот агрокомплекс, односно како Општеството треба да се организира за предупредување на реалните тешкотии и проблеми кои ја  очекуваат  не само земјоделската стопанска област туку вкупната економија на Земјата. Агрокомплексот е исправен пред две реални и сериозни закани за неговиот развој  ако не и опстанок. Затоа е потребно сериозно предупредување на целото Општество, дека ќе мора да ангажира сериозни материјални и човечки ресурси за да се намалат штетните последици во кои не смееме да се сомневаме дека ќе ги има. Пред се мора сериозно да се преиспита аграрната политика на Државата и да се развие долгорочна стратешка рамка. Две насоки се најважни компоненти на кои треба да им се посвети најголемо внимание. Првата се однесува на изнаоѓање патишта како да се подигне конкурентноста на нашиот агрокомплекс за повисок степен на супституција на увоз на храна – окрупнување на произвоството, инвестирање во современи средства и техника, овладување на современи технологии, а особено воведување на системи за наводнување на што е можно поголем обем на површини за добивање на две реколти од сите наводнувани површини. Во сточарството селекцијата на високо продуктивни раси и увоз на расплодни грла од проверени добавувачи. Втората компонента на развојната стратегија би била развивање на домашни научни капацитети – земјоделски институти кои денес едвај преживуваат и не се во состојба ниту во интродукцијата да имаат последен збор. Нема развој без научни истражувања, ни во „нормални“ услови, а поготово кога веќе ни се случуваат неповолности и губитоци во приносите поради климатските промени, и стакленички гасови и други проблеми. Се смета дека на влијанието на климатските промени можат да се спротивстават нови сорти, оплеменување на постојните сорти и раси, промена и прилагодување: на асортиманот на производството, на агротехничките мерки на агротехничките рокови, на системот на обработка на почвата и многу други мерки кои се на располагање на науката, но кои можат да ги испитуваат, проверуваат и препорачуваат на праксата само научни институти, чие комплетирање и зајакнување со соодветни кадри и средства мора веднаш да започне далеку посериозно отколку што тоа сега се сфаќа.  

Проф Др.Борис Анакиев


Можеби ќе ве интересира

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи