Словенија: Новиот миграциски бран ќе доведе до конфликти на Балканот
Објавено во: Балкан 23 Септември, 2016
Словенечкиот премиер, Миро Церар предупреди дека постои опасност од повторување на минатогодишната миграциска криза во Европа, која би можела да го загрози европското единство и да предизвика конфликти меѓу балканските држави.
„Можното повторување на масовната миграциска криза би ја заплашило ЕУ. Ако во таков случај, земјите членки не дејствуваат заедно, тоа би довело до поткопување на ситуацијата во Унијата“-посочи Церар во изјава за Словенечката национална телевизија.
Тој рече уште дека при евентуален нов прилив на мигранти по балканската рута, Словенија ќе дејствува решително за заштита на својата граница со Хрватска.
„Повторувањето на миграциската криза не само што ќе доведе до затворање на границите и до спорови, туку би можело да предизвика и судири меѓу земјите на Балканот"- додаде тој.
Според него, земјите од ЕУ не треба да дозволуваат повторување на настаните од 20 век, кога европската поделеност доведе до две големи војни во Европа.