Случајност или заговор? Нова смрт на вмешан во корупциски скандал со ФИФА
Објавено во: Свет 21 Ноември, 2017
Уште едно лице осомничено за корупциски скандал поврзан со ФИФА го загуби животот, овој пат во престрелка во Мексико.
Станува збор за потпретседателот на мексиканската национална телевизија Televisa Адолфо Лагос кој е застрелан во неделата вечерта од двајца вооружени напаѓачи. Обезбедувањето на 69-годишниот Лагос било немоќно да го заштити, а тој подоцна во болница им подлегнал на повредите.
Лагос беше вмешан во корупциски скандал во ФИФА и беше еден од обвинетите за давање мито за добивање на правата за емитување на телевизиски натпревари.
Засега нападот се води како обид за вооружена кражба, а телохранителот кој исто така пукал од огнено оружје тврди дека ранил еден од двајцата напаѓачи.
Интересно е дека Лагос е вториот човек поврзан со овој корупциски скандал, кој го изгуби својот живот во рок од неколку дена. Минатиот вторник Аргентинецот Хорхе дело изврши самоубиство, откако беше осуден за давање мито во форма на буриња вино.
Случајот за корупција во ФИФА кој го поведе ФБИ по обемната истрага опфаќа речиси 300 осомничени или обвинети лица со повеќе од десетина предмети.Клучен сведок на ФБИ е аргентинецот Алехандро Бурзако кој соработува со американските истражни органи за што тврди дека добива смртни закани. Поротниците кои ќе решаваат во судскиот спор тајно дадоа заклетва, во судницата ќе бидат забранети сите електронски уреди и е поставено врвно обезбедување во опасност од неконтролирани ситуации.