СО ИЗМАМИ СЕ ЛУКСУЗИРАЛ: Италијанците уапсија лажен „принц од Црна Гора и Македонија“
Објавено во: Балкан 16 Јуни, 2017
Италијанската полиција го уапси Стефан Чернетиќ, кој со години се претставувал како „принц од Црна Гора и Македонија“ со што измамил голем број претставници на џет-сетот, живеејќи на нивна сметка и нудејќи им соработка.
Со години живеел на „висока нога“, а има и свој сајт.
Чернетиќ и неговиот соработник се обвинети за лажно претставување и фалсификување документи, а за црниот мерцедес, кој го украсиле со црногорски знамиња и налепници на дипломатскиот кор и со кој се возеле низ цела Европа, ќе добијат посебни казни.
Благодарение на профилите на социјалните мрежи, преполни со слики од елитни настани, како и веб страницата, преку која пласирал лажни вести, Чернетиќ (57) од Торино успеал на светот да му се претстави како потомок на Црнојевиќ и „принц од Црна Гора и Македонија“.
На листата на наседнати се и најпознатата плејбој зајачица, Памела Андерсон. Таа не само што поверувала во легитимноста на престолонаследникот на Црна Гора и Македонија, туку и клекнала пред него, за да ја добие титулата грофица од „Лилијан Санта Марија Лигура“ и била прогласена за „Голема дама на Црна Гора“.
На неговата титула наседнале и други бројни претставници на италијанскиот и светски џет-сет, а на лажниот принц му обезбедувале влез на елитни забави и приеми на градоначалници, високи свештени лица и вистински наследници на кралски семејства.
Тој пред само две недели бил на маса со принцезата Ирена од Грција и од Данска во Атина, а претходно и присуствувал на трки на Формула 1 во Монако.
Во одморалиште во Фусини принцот направил голема сметка за која менаџерот потоа ја проследил до амбасадите на Македонија и на Црна Гора. Стигнал одговор „не ни испраќајте сметки, немаме принц и сигурно не го делиме со Црна Гора“.
Во апсењето се запленети дипломатски пасош, налепници на дипломатски кор, меѓународни награди, потврда од кралска куќа на Црна Гора и разни дипломи.