23 Април, 2024
0.0252

Со заедничка декларација, министрите од Централна и Источна Европа и од НР Кина се обврзаа на унапредување на трговската соработка

Објавено во: Агробизнис 25 Август, 2017

Добивај вести на Viber

Министрите од Централна и Источна Европа и од НР Кина на денешниот 12-ти „Форум за агро-трговија и економска соработка“ во Брдо кај Крањ, Словенија, ја усвоија заедничката декларација за „Улогата на меѓународната трговија и синџирот за снабдување со храна на локално и глобално ниво“.

На денешниот состанок министрите за земјоделство од Централна и Источна Европа и од НР Кина кои се дел од платформата за соработка во областа на земјоделството  „16+1“, дискутираа за напредокот на соработката во областа на земјоделство во текот на изминатата  година. Министрите позитивно ги оценија реализираните активности врз основа на упатствата од Рига за соработка помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина и среднорочната Агенда за меѓусебна соработка.

Во своето обраќање на Форумот, македонскиот министер за земјоделство,шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, истакна дека меѓународната трговија и синџирот за снабдување со храна, како на глобално, така и на локално ниво, се значаен фактор за ублажување на сиромаштијата и постигнување на безбедноста на храна како една од целите за одржлив развој на Обединетите Нации, што исто така е дел од заедничката декларација од овој состанок на министрите.

„Посветувајќи голема важност на механизмот за соработка „16 + 1“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија има одиграно многу активна улога, сметајќи од основањето на Здружението за унапредување на соработката во земјоделството меѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина. Ве уверувам дека како Влада, ќе продолжиме да даваме конструктивен и вреден придонес за понатамошен развој на заедничките проекти и активности кои ќе ја унапредуваат трговијата со земјоделски производи и храна, истражувањето и развојот, размената на добри практики за одржливо земјоделско производство и преработката на храна. Земјоделството игра важна улога во македонската економија, бидејќи тоа е третиот најголем сектор веднаш по услугите и индустријата. Владата на Република Македонија постави амбициозна агенда и ќе направи сериозни интервенции, за да се постигне конкурентност на земјоделскиот сектор преку зголемување на производството, висок квалитет на производите, стандардите на безбедност на храната и одржливото искористување на природните ресурси“, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, Љупчо Николовски.

Со усвојувањето на заедничката декларација, министрите од Централна и Источна Европа и од НР Кина, се обврзаа за преземање на сет мерки со цел понатамошна промоција на соработката во земјоделството согласно платформата за соработка во областа на земјоделството „16+1“, а  врз основа на рамноправност и взаемна корист. Предвидените мерки се во насока на понатамошно зајакнување на соработката во земјоделското производство, преработка на земјоделски производи, развој на рурални средини, научни истражувања, поттикнување на заеднички инвестиции и поддршка на земјоделски компании за да се направат инвестиции во рамките на „16+1“, олесенување на трговската соработка, забрзување на тековните процедури за одобрување и трговија со земјоделските производи помеѓу земјите кои што се дел од платформата „16+1“.

Заменик-претседателот на Владата на Словенија и министер за земјоделство Дејан Жидан, изрази голема благодарност до колегите од Централна и Источна Европа и од НР Кина, за нивната посветеност на процесот на унапредување на соработката во областа на земјоделството во рамки на платформата „16+1“. Зајакнувањето на политичката и економската соработка меѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина е една од главните цели на платформата „16 + 1“.

Годинава земја домаќин на Форумот е Словенија, а министрите од Централна и Источна Европа и од НР Кина, дадоа поддршка домаќин на 13-тиот „Форум за агро-трговија и економска соработка“, да биде Литванија.

Инаку Форумот е во рамки на 55-тото издание на Саемот за храна и земјоделство „AGRA FAIR 2017“ што се одржува во Горња Радгона, Словенија. Како клучен настан кој годинава го одбележи саемот е токму официјалната средба во рамките форумот и платформата „16+1“ помеѓу министрите од земјите од Централна и Источна Европа и од НР Кина.


Можеби ќе ве интересира

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

ДОЖДОТ Е ПОВЕЌЕ ОД ДОБРЕДОЈДЕН: Сепак температурните шокови можат да направат проблеми на земјоделските насади

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари