Собранието без опозиција, ВМРО-ДПМНЕ не се враќа без ослободување на притворените
Објавено во: Македонија 09 Јануари, 2018
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ нема да продолжи да учествува во работата на Собранието на Република Македонија и нема да биде дел од политичката дебата се додека не се најде соодветно решение за нивните притворени пратеници, но и воопшто за осомничените за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од јавното обвинителство за насилствата на 27 април.
ВМРО-ДПМНЕ на овој начин ќе покаже солидарност со притворените пратеници за кои тврди дека им биле нарушени правата што било нотирано и од Народниот правобранител и смета дека власта на овој начин врши притисок и сака политички да се одмазди.
Оваа политика ВМРО-ДПМНЕ ќе ја води и со новиот претседател Христијан Мицкоски кој без оглед што имаше средба со Зоран Заев не попушти во однос на обновување на политичкиот дијалог без конструктивност и од спротивната страна како што очекува опозициската партија.
Одлуката да не се учествува во парламентарната работа е донесена на координативниот состанок на пратеничката група со лидерот на партијата Христијан Мицкоски што се одржа претпладнево.
ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе закон за амнестија на осомничените од јавното обвинителство за потоа да се согласи да делува конструктивно што според нив мора да го почитува како принцип и самата власт.