16 Април, 2024
0.0241

Сонцето на туѓото небо

Објавено во: Колумни 24 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Останете тука!... Сонцето на туѓото небо

Нема да ве грее како ова што грее,

Горки се таму залаците на леб

Кај што нема свој и кај што братот не е.

Ова е првата строфа од песната „Останете тука“ на босанскиот поет Алекса Шантиќ. Иако неговата песна е напишана кон крајот на деветнаесеттиот век, пораката што таа ја носи е вечна – да се остане на родното огниште и да се биде свој на своето.

          Повод да се потсетам на песната на Шантиќ беше саботното издание на весникот „Дневник“ каде што беше опфатена една тема која со текот на годините го менуваше својот назив. Во деветнаесеттиот век таа тема се викаше печалбарство, во голем дел од дваесеттиот век се нарекуваше привремена работа во странство, а денес, искрено кажано, не знам кој назив да и го дадам. Како и да е, „Дневник“ пишува дека еден дел од Македонците си ги пакуваат куферите и се селат во странство. Најчесто тоа е билет во еден правец, но ги има и такви што се враќаат на родната грутка. Зошто нашите сонародници се одлучуваат на ваков чекор? Зошто ги оставаат роднините, пријателите, понекогаш и семејствата и се одлучуваат да ја побараат својата среќа под сонцето на туѓото небо? Одговорот е многу едноставен. И многу поразителен во исто време. Одреден дел од Македонците не ја гледаат својата перспектива на ова парче земја што се нарекува Република Македонија. Некои не можат да најдат соодветно образование, поголем дел од нив не можат да најдат работа, а ги има и такви што од семејни причини се решаваат да тргнат во белиот свет. Сите горе наведени причини упатуваат на уште еден поразителен факт. Најчесто во странство се селат младите луѓе. Тоа е оној дел од популацијата кој е толку потребен на нашата земја, а кој соочен со бесперспективноста, се одлучува на ваков чекор. Младите луѓе се полни со енергија и ентузијазам. Кога ќе дојдат до сознание дека нивната енергија и ентузијазам не се ценат во Република Македонија, а „само еднаш во животот човек има 20 или 30 години“, тие се решаваат да си ги спакуваат куферите и да заминат. Зашто ако останат, треба да „лепат плакати“ или да „имаат вујко владика“ за да најдат пристојна работа. Секоја чест на исклучоците! А, што ги чека тие млади луѓе во странство? Дали ќе успеат да најдат работа соодветна на нивното образование (сеедно каде и под кои услови е стекнато тоа образование) или ќе мораат да работат од утро до мрак за примања со кои одвај ќе крпат крај со крај во некоја од „ветените земји“? Сонцето на туѓото небо ги грее благонаклоно само државјаните на западните земји, а сите нашинци таму се граѓани од втор ред. Можат совршено да го зборуваат јазикот на земјата во која што дошле да работат и да ги имаат највисоките образовни и стручни квалификации, ништо од тоа нема да им помогне. На крај, нашите граѓани кои се на печалба или привремено вработување во странство ќе се соочат со две алтернативи: или ќе „носат вода“ за оние кои можеби се полоши од нив, но по некоја случајност се родиле во Лондон, Берлин или Њујорк, или пак, повторно ќе си ги спакуваат куферите и ќе се вратат во Македонија. Како да се спречи одливот на работна сила во странство? Како да се спречи „одливот на мозоци“? Како да ја вратиме насмевката на лицата на младите луѓе? Како да ги натераме тие млади луѓе наместо за школување или вработување, да купуваат авионски билети единствено за туристички цели? Прво, треба да се понуди квалитетно образование. Ние навистина немаме потреба во сите градови (а богами, и во некои од поголемите села) да имаме факултети. Нам ни е потребен квалитет во образованието, а не квантитет. Тој квалитет некогаш го имавме, а го изгубивме попатно кога почнавме да спроведуваме некакви принципи од Болоња и да ја претвораме секоја барака во факултет. Второ, треба да се отворат нови работни места. Работни места на коишто сите ќе имаат еднакви шанси за вработување, доколку поседуваат соодветни образовни квалификации. Останатите „услови“ за вработување наведени погоре во текстот да станат дел од нашето минато. Можеби најавените странски инвестиции, доколку се реализираат, ќе ја променат состојбата на пазарот на работна сила. Тогаш веројатно нема да имаме потреба да измислуваме „активни и пасивни баратели на работа“. И трето... треба да сфатиме дека сонцето на нашето небо грее силно, исто колку и туѓото. Да престанеме да веруваме дека во странство тече мед и млеко. И да тече, медот и млекото нема нам да ни ги дадат. Да направиме тука, на родното огниште, да почне да тече мед и млеко. Можеби во моментов тоа изгледа далечно и неостварливо. Точно. Многу е далечно и малку е неостварливо. Па сепак, и најдолгиот пат почнува со првиот чекор. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?