19 Март, 2024
0.5933

СОНОТ НА МИТКО

Објавено во: Колумни 22 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Ова е приказна за тројца добри луѓе - за кралот, кметот и музикантот.  Живееа во една убава и богата земја. Беа добри христијани и му правеа чест на Господа. Кметот уште од раната младост не беше баш сигурен дали Господ постои, но сепак неговите огнови на Коледе беа најголемите во градот. Кралот се крстеше на секој празник, кметот на секоја црква, а музикантот не седнуваше ни да јаде без да ја спомне татковината и да ја испее молитвата.

Живееа мирно и спокојно.

Кралот потсетуваше на оној што ја отепа ламјата, но да не го смешаме, нашиот крал беше умен и многу речит. На куќата негова пишуваше два пати стана крал. Народот го засака. Рака на срце во негово време ништо не се случи. Единствено син му порасна - беше малечок кога се вселија во дворецот, сега толкаво јуначиште. „Да не ја рушиме идилата што други ни ја изградија”, знаеше да рече. Ќе земеше храбро воздух, и ќе издишеше.

На куќата на кметот по четврти пат пишуваше „кмет избран“. Народот го сакаше. Кога го зема за прв пат кметството наоколу имаше троа по некоја зградичка подредена во ред, а другото парк за бркање топка и неискосени ливади меѓу зградите. Денес слава му општинава не збира сите, и вакви и инакви и од село и од град. А згради и згради и патеки небаре царството небеско долу се симнало.

На куќата на пejaчот стоеше – „Куќа на песните и игрите“. Народот го сакаше. Беше се скрасил тука след гурбет и го прифатија како светски човек. Единствено последно време го гледале во друштво на неубави луге расипикуќи и параспури, но возрасен човек сигурно знае што со себе.

Тројцата беа честити, помагаа, сочуствуваа, но и грешеа како што греши секој земен човек. Љубеа сè што љубат луѓе. Ама љубеа и кога ќе им се кажеше назад благодарноста за тоа што го беа сториле. Пејачот ќе погледнеше благодарно штом ќе го спомнеа неговиот глас, а беше спомнуван често, зашто без пејач и песна нит свадба, нит протест почнуваше. Кметот душа мека се топеше кога фала ке му кажеа зошто без него нит чатија нит темел се ставаше. Кралот пак со еден збор зандана отвараше, милоста негова голема беше и ја знаеа и преку седум планини.

Како што бива во животот еден ден, еден од судните денови, Господ ги викна на вечера. Пред портите кај што се сретнаа Св.Петар веќе чекаше и поздравуваше – „Welcome aboard gentlemen, how was the trip? - Помоз Бог Св.Петре!” Се огласи кметот како најхрабар.

„Сакам ве пратам на места убави според делата и богато да ве наградам, но Господ по ново (откако СЈО еден ден влезе со налог во Рајот) прво прашува по едно прашање, а вас ве праша дали со лажна награда или заслуга во животот сте се закитиле?“

Седеа така во тишина и кралот прв се огласи, зашто досетлив беше: „На шефот ќе се извадам и награда ќе добијам. Јас морав. Од патријарх далечен признание да земам, зашто тоа за земјaта моја од корист било. Таков шефот абер пушти.“

Се охрабри по него кметот: „Јас немам шеф. Добро, ние сме во функција со шефот ама јас немам шеф. Мене самите ме избраа за награда и пролетва дур до Берлин одев да ја земам со свои раце и не ми е жал за парите што ги дадовме за да стигнеме таму. Менаџер на годината - скапичко но вреди.“

Последен музикантот, почна да квичи како прасенце во ноември: „И јас морав, едноставно морав, инаку… А и кралот рече, шефот заповедал да ми забодат една игла од орден на реверот. Еве прашајте го кралот!“

Откако кажаа што имаа да кажат, Свети Петар исчезна и се врати после многу часа. „Слушајте сега!„ рече збунет без да го крева погледот зошто стариот чувар на портата вакво чудо немаше доживеано ни со земниот живот, ни на небото, „мојот шеф го поздрави вашиот шеф и ве враќа назад, зашто вие не сте ни за лево ни за десно, ни за горе а ни за долу, туку ве враќа таму од кај што дојдовте. Вие вакви убави и послушни од што морате Рајот ќе го искоцкате, на Адот клуч ќе му ставите и Ѓаволот ќе ми го пишманите. Уште зборот недоречен светлината засвети и лифтот зататни надолу.

Кралот се почуди и не знаеше дали сам да си верува на случката. Не запамти многу и утрото си кажа пак-ти-стани и отиде да го прошета шарпланинецот. Кметот иако ни самиот не си звучеше уверливо уште во лифтот си ја засвирка - „Не може нам нико ништа, јачи смо...тра-ла-ла“. Нотите некако се прпелкаа една врз друга. Го побара музикантот со поглед, но тој беше веќе далеку со мислите. Ордени ли се ордени, ама мене дим да ме њама. Качуваше по лифтот на Александар Велики, поранешен Петровец, а зад него со спор чекор и влажни очи Спајдермен му го носеше куферот.

- „ Еј ама чуден сон“, уште неразбуден гракна Митко. И што бара Спајдермен со тројцава, или овој беше Робин? Кој враг ќе ги знае. Деновиве сонуваше сè некои награди и некакви чудни други демони. Од далеку го слушаше своето име и пригушениот глас на Брацо. Беше задремал на самото отворање, зашто патот до Прилеп е уште оној стариот, досаден и заморен, иако шефот еднаш вети - „До таму ќе пуштиме автопат, тоа ќе биде моето животно дело, а ти Митко размислувај за своето!“

Гласот стануваше сè појасен, а сонот и шефот се испреплетоа во нежна пареа над загреаната сала. Ечеше повикот за добитникот да ја преземе наградата. Кој си ја најде негова е, се насмевна во себе. Ја намести машната. Се присети кога како дете трчкаше низ тревата. Ја осети истата струја во нозете. Умот од возбуда забави и заборави на сонот, нозете сами забрзаа и летнаа кон бината. Колегите од жирито го пречекаа со топла прегратка. Во публиката се слушна крцкање со забите. „Честитки, честитки, честитки! Навистина искрени честитки!“ 

Пишува: Д-р Анте Попоски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?