29 Март, 2024
0.0339

СПАС ЗА ОХИС: Изградба на станбен комплекс, за работниците социјален пакет!

Објавено во: Анализа 20 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Крајниот рок за доставување на понуди за купување на хемиската фабрика ОХИС истекува дури на 14. Ноември, но уште одсега станува јасно дека и овој деветти по ред тендер има мали шанси да успее. Заинтересирани повторно има, но инсистирањето на Владата на социјалниот пред економскиот момент, и понатаму ги одвраќа потенцијалните купувачи. Цената за никого не е проблем. Таа е и повеќе од симболична – само 14.000 евра за фабрика распослана на еден милион метри квадрати на неколку километри од центарот на Скопје. Освен неа, идниот сопственик треба да ги преземе и долговите од околу 20 милиони евра, но и тоа е прифатливо за купувачите, со оглед на цената по која можат да ја купат фабриката. Она што беше неприфатливо, а со последните два тендери е корегирано, е инсистирањето на работа да бидат задржани сите 800 вработени, кои се со просечна старост од над 55 години. Откако виде дека тоа е една од главните пречки, Владата дозволи новиот сопственик доколку успее да ги убеди работниците, да може да ги отпушти со одреден социјален пакет. Но, ова решение и понатаму е половично и во целост не ги задоволува барањата на купувачите. Спас од оваа ситуација, доколку пропадне и овој обид за продажба на ОХИС, е државата да им додели социјални пакети на вработените до пензионирање, а фабриката да ја продава без никаков терет.

Во моментов, главната причина поради која изгледите и на овој тендер се мали, е инсистирањето да се продолжи дејноста на ОХИС. Со оглед на состојбата во која се наоѓаат производствените капацитети, тоа според упатените, е скоро невозможно. Со нив може да се произведуваат само сапуни, детергенти, бои и лакови и други продукти со технологи и квалитет кој значително заостанува зад денешните стандарди.

За да привлече купувачи, Владата во тендерот предвидува дел од капацитетите да можат да се пренаменат и за друга индустриска гранка, но тоа се покажа како недоволно. Единственото излезно решение е потенцијалниот инвеститор да не се обврзува на ништо, туку да се остави на него дали и што ќе произведува. Веќе е извесно, дека најголеми шанси за успех на тендерот и за пријавување на голем број на заинтересирани е доколку се овозможи преку промена на Деталниот урбанистички план на местото на фабриката да никне нова населба. За тоа потребно ќе биде да се деконтаминира земјиштето, но тоа нема да биде пречка за купувачите со оглед на атрактивноста на локацијата. На ова упатува и последниот завршен тендер, на кој се пријави само една фирма од Бугарија, но нејзина дејност е градежништвото. Поради тоа, Министерството за економија за отфрли понудата и реши ОХИС повторно да оди на нов тендер. Остана нејасно само зошто се прави нов обид, ако воопшто нема промена на условите за продажба, кои и на деветтиот тендер останаа исти како и на осмиот. М.В.

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот