18 Април, 2024
0.0263

СПЕКТАТОР: Дијаспората дојде на печалба во Македонија!

Објавено во: Анализа 21 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Не би сакал да ја давам јавноста со оние вечни приказни за печалбарите, во смисла, дали биле арни или лоши, давале или не давале, пари за татковината. Синкир, мислиш на нашава дијаспора им извираат пари, ѓоа гејзер нафта во Тексас да пронашле. Нивни пари, нивна музика... Ако бива во земјава, ќе фрлат некое милионче, како оној печалбарон во Пробиштип, Аква парк што направи, за отпосле да му кажат дека ќе има проблеми со водниот притисок. Неговиот парк би можел да се вика сега Пумпа парк, пошто се мачи човекот вода да донесе. Нејсе. Секој нека си го најде својот интерес. Така и овој Мајк. Вели, никогаш не било подобро да се инвестира во Македонија. Брееј, браво за констатацијава. Дајте печалбари, или вадете парите, ако ги имате, или немојте од нас да правите мајмуни. Знаат луѓето овде како е да се инвестира. Впрочем, таму заедно бевте сите, па можевте да ги прашате како е да се вложат пари тука. Знаат, знаат, што и како се случува во бизнис климата. А, знае изгледа и овој од северо западњациве, Кучи Мендерес, кој морал сите Вас да ве убедува дека барем половина од претставеното таму не е вистина. Така човекот си кажа. Иако, јас искрено како независен спектатор на случувањава не му верувам. Од кај знае Мендерес, што е бизнис клима кога ни еден споменик за Скопје 2014 нема изработено? А, бизнис клима се знае кај најдобро се мери, преку јавни набавки и договорни услуги. 50 Отсто од фирмите се жалеле дека не им чини тоа што државата им доцнела со парите. Их, беее, гниди! Во Влада, молат, а ваму, кукаат по невладини! Кај работа ви даваат, кај велики бизнисмени се правите, пак не ви чини. Ако нема работа, „зашто нема работа“, ако има работа „зашто има работа“. Нема врска муабетов, кај печалбарите бевме. Значи, ако ви се допаѓа овде, рековме вадете пари од под перница и засукајте ракавите, само престанете да не брљавите, со оној муабет дека Вие една милијарда евра годишно по Вестерн унион сте ни праќале. Ова 15 те милиончиња што  ги најавивте како за почеток, фино ми се гледаат, па додека дојдат, имам една замолница. Ако може, мислам, еве без да бидам погрешно сфатен, ко за почеток, да покажете добра волја. Како? Оние вашине тројца пратеници, кои дојдоа на печалба во Македонија (што ми личи на еден too much авангарден процес за нашиов ни стандард, та нели нормално е да се оди на печалба надвор?!), би било ферски Вие да ги плаќате. Пошто луѓето скапо не чинат. Плата, дневници, патувања, по човек 30 тина илјади евра годишно, значи околу 100 илјади за тројцата на купче, плус станови овде за нив и за семејствата. А, во собрание уста не отвараат. Јас не знам, можеби си се луѓето паметни и фини, ама ете не можат да дојдат до израз, пошто нашата пратеничка говорница е велелепно запоседната од оние вечни и ораторски навежбани во неколку мандати, комуњари и вмровци, од кои човек не може до збор да дојде. Пошто е така, а така е, а вие сте желни да помогнете, ова е замолницата. Мислам, ако може. Ако не, идната година, пак во Охрид ќе се сретнеме, ќе каснеме пастрмка, па и онака ретко се гледаме!

Можеби ќе ве интересира

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

ДАЛИ 75 ГОДИНИ Е НОВИОТ ВОЗРАСЕН ПРАГ ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ? Ни се заканува кошмар!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

КОНЕЧНО Е НАПРАВЕНА ЛИСТА НА НАЈПЛАТЕНИ РАБОТИ ВО СВЕТОТ: Годината ја завршуваат со речиси 340.000 долари во џеб, ќе се изненадите кога ќе видите кој е прв на неа!

СКИЈАЊЕТО ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА: По две топли зими планинскиот туризам е во сериозна криза

СКИЈАЊЕТО ЗАМИНУВА ВО ИСТОРИЈАТА: По две топли зими планинскиот туризам е во сериозна криза