29 Март, 2024
0.0238

СПЕКТАТОР: Иде Дунав…. и да погинеш, колко можеш ќе се спасиш!

Објавено во: Анализа 28 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Додека Тома Николиќ, како изворен радикал, а новопечен европеец веќе успева да ја сфати регионалната поента на здружувањето, и во Скопје дојде со проект за пловен Вардар, наш Коце веќе си ги гради Галиите, што ќе треба да си ја фатат реката кон Солун. Браво Тома, браво Коце, визонери наши смели, што и Дунав ќе го свртиме кон Македонија, се да биде ТОП, како што се вели. Навистина, да ми кажувал некој, дека овој Вардар пловен ќе биде и тоа не било како, туку со вода од Дунав ќе мислев, блесав е. Ама, овој Тома, фин човек, македонско име не дава, а со Грци сака да не смири. И тоа не било како, туку по воден пат. И после кој може да каже дека Македонија и Србија немаат море, кога Вардар, ѓоа Егеј ќе си го направиме. Плажите стокмени, бродовите се делкаат, мостови на секои 50 метри. Резултатите веднаш ќе се видливи: Патриотизам, на секоја плажа од Вардар ќе никне, на Паралиа бич веќе никој да не смее да се сликне! Танкери пловат по река, водарина се плаќа, Демир Капија да живне, Гевгелија да вивне! Отаде Велес, туристи се повеќе на број, оази колку сакаш, статистика да реди успеси рој. И ВМРО сит и Грците на број, и Тома Николиќ, нареден во европски строј. Економија ќе блика, нафта ќе се носи, балканска дружба непријатели да коси! Е, тоа е тоа, што се држи оваа земја балканска. Туку, тоа си е нивна работа, власт ли е што ли е, мора да плетат приказни, да се забавува нашава раја. Друго ми е прашањево: а што правиме вечер на митинг? Мене, вака спектаторски настроен да фаќам сеир, да ви кажам право, ми е многу мило ем драго, што Бранко се одважи под Александар да си ги повика следбениците. Знаете како се вика, додека не се соочиш со проблемот, и не му погледнеш на Букефал во очи, проблемот нема да се реши. Не знам само, дали уште од вечер ќе проработат „француските клучеви“ на Фрчко, ама јасна дума имам, дека опозициската свита, засилена со Љубчо Војвода, треба да ја испрати најсилната порака до сега. Дека економија се пусти, а народот осиромашува, дека долгови се нижат, а плати се кинат. А, ние силни реформисти на Дуинг бизнис се правиме, веднаш тука до Јапонија. Бре! А, да кажеше некој дека Јапонија, одамна ги завршила работите за кои ние овде, уште по ѓезмиња си раскажуваме. За тоа, пак, дека Европската Банка за Обнова и Развој за идната година најсилен раст на економијата наша предвидувала, не е време ниту место за дебата. Да си ја гледаме, сега за сега рецесијава. А, како нашата нова опозициска дружба сево ова ќе го каже? Они си знаат, во тоа не би се мешал, само се надевам сфаќаат, оти стил и навики стари брзо треба да менуваат, а март ене го кај е. Уште вечер, и тука, покрај Вардар, кај Галиите и Гемиџиите, оти, што би рекол Тома Николиќ, иде Дунав, а „ризик јак, мила душа.... и да погинеш.... колку можеш, ќе се спасиш...“ Ваш, Спектатор

Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот