23 Април, 2024
0.0258

СПЕКТАТОР: Нојот е чудно животно!

Објавено во: Анализа 18 Ноември, 2012

Добивај вести на Viber

Се разлигавеле ова докториве, демек Министерот им се мешал во организација на работа, ги ниподоштавал, и не им ја вреднувал професијата. Ќе ви раскажам детали, од малку постаро време се, некаде средни деведесети, кога Бранко мака мачеше секој ден како да ги реши штрајкувачите што му се точкаа пред Влада. Не беа од една фирма, многу, „транзициски жртви“ колку сакаш. Ама такво време се живееше, се немаше Фејсбук како сега, и, а нешто не ти чини распукај си се на некоја социјална мрежа и ќе ти помине. Не, тогаш ако не излезеш пред Влада не си фраер. Малтене како сега, ако не напишеш на Фејсбук нешто против Владата исто така си слаб фраер. За волја на вистината, ако идеш против Влада може и од скриен профил, за секој случај. Да не имаш некој втор братучед вработен у администрација, да не го дочека „унапредување“ у портир. Нема везе, се враќаме назад. Тогаш пред Влада, се искачаше машки, без маски, без многу лигавење, најчесто наоружани со јајца, а како кој е незадоволен нема што да шара по компјутери, си шара директно на прозори. Секој ден штрајк, секое утро се собираа остатоците од жолчките по стаклата на Це Ка. А, најмногу на удар беа прозорците на Бузле. Тој беше нешто како министер за штрајкови. Бранко му беше дал задача да му ги менаџира незадоволниците. И види чудо, по секое влегување кај Бузле, штрајкувачите излегуваа насмеани. Ама, пошто надвор ги чекаа гладни усти, не смееа многу да се смеат, туку полека им објаснуваа на луѓево што направиле. Методите беа јасно, Бузле ќе ги превеслаше со две три „чунки“, „можеби“ „че напрајме“, и штрајковите се растураа по принципот Панта реи, „се тече, се се менува“. Тогашните владини фронтмени ги лажеа, овие што веруваа, што не веруваа, ама ќе дојде ноќ, и сите ќе заспијат. Утрото осамнуваше. И за Бузле, и за новите штрајкувачи. Нов ден, нови муабети, ново пладне нови штрајкови, нови штрајкови нови преговори, нови преговори, нов ручек во ресторанот на Владата. Со полн стомак подобро се мисли. И секој можеше да мисли, изјава тие, изјава Бузле. Вести милина, тоа малкуте весници и две три телевизии не можеа да постасаат! Сега нема штрајкови. Барем на вестиве. Ниту на веснициве. Ако напишеш нешто може печатарите да ти го извадат од печатница. Демократија. Не се согласуваат луѓето со веста дека има штрајк. Зошто нема штрајкови. Или барем се невидливи. Како и докторите. Тие не излегоа на протести. Не ја сопреа работата. И поради тоа не мораше ниту да се видат со Министерот за здравство. И министерството извести дека штрајк немало. Тие што излегоа надвор беа духови на остатоците на нихилистите што се претставија како доктори и медицински персонал. Нема вести, нема штрајк. Нема весници, нема протести. Да беше Бузле во политиката сега, другачие сево ова ќе го решеше. Прво, ќе отидеше директно кај штрајкувачите, па со часови ќе се расправаа, па со денови ќе се договараа, а цела Македонија ќе му ги броеше гафовите што ги направил, ама на крајот на денот, гарантирам дека луѓето во бели мантили ќе си се фатеа кој за стетоскоп, кој за нож и правец во хируршка сала. Тоа е тоа. Разговори. Преговори. Размисли. Ама, Нојот е чудно животно. Ќе ја пикне главата во песок и мисли дека лавот не го гледа. ваш, Спектатор