Средба Заев-Звиздиќ: Македонија и БиХ имаат исти стратешки цели
Објавено во: Балкан 23 Јули, 2017
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од владина делегација во состав Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи, Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Крешник Бектеши, министер за економија, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспората, е во прва официјална работна посета на Босна и Херцеговина. Првата средба на премиерот Заев беше со претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.
Премиерот Заев и претседателот Звиздиќ констатираа дека оваа посета на владината делегација од Република Македонија на највисоко ниво, со колегите од БИХ, е почеток на најавената интензивна соработка меѓу двете земји, како и во духот на развојот на регионалната соработка, потребна за евро-атлантските интеграции на двете земји.
- Република Македонија и Босна и Херцеговина денеска на дело ја реализираат преземената обврска за развој на регионална соработка пред ЕУ - рече премиерот Заев.
Посочено е дека ќе следуваат и чекори во насока на реципрочно признавање на возачките дозволи, влез и излез во државите со лични карти, отворање авионска линија на релација Скопје – Сараево, што ќе придонесе кон значајно зголемување на економската соработка и на туризмот, а со тоа подобрување на животот на граѓаните и економски развој на државите.
На средбата е потенцирано дека и Република Македонија и БИХ имаат добра меѓународна соработка и исти стратешки цели, членство во ЕУ и НАТО. Во таа насока изразена е подготвеност двете пријателски држави да се фокусираат кон агендите во своите држави и на ниво на регионот, со што ќе потврдат дека Западен Балкан е веќе дел од ЕУ.