25 Април, 2024
0.0277

Среќа во вреќа

Објавено во: Колумни 21 Март, 2017

Добивај вести на Viber

Кога си среќен заплескај со дланките, кога си среќен удри со ногата во под, кога си среќен викни силно ура...парафразирани стихови од една песна, кои ни го доловуваат моментот на восклик на среќа и дејанија на личноста што ги чини искажувајќи ја својата емоција. Друга песна пак вели “среќата со пари не се купува, љубовта без мерак век не векува”, што ни ги покажува и докажува најубавите човекови емоции и материјалната небитност во контекст на човековата среќа. И уште колку песни ненатпеани и незаборавни  се напишани за среќата, која е вечна инспирација на поетите, раскажувачите, патеписците.  Вчерашниот ден, меѓународниот ден на среќата, побуди кај мене низа размисли, емоции, но и двојби и ме поттикна да се запрашам - колку денес вистински ја чувствуваме среќата и дали таа денес, во ова време - невреме, недвојбено ја има улогата на стимулатор или пак, ја заборавивме некаде таму, зад аголот?

Среќа - колку прекрасно звучи, збор кој што често пати го изговараме, некогаш махинално, некогаш рационално, некогаш во контекст, а некогаш без повод и причина. Но, еден именител има секогаш за зборот среќа - позитивното чувство, милната насмевка и топлината што ни го грее срцето и ни ја милува душата кога го изговараме тој збор.  Исконски, среќата ги прати храбрите, ги чува добронамерните, сопатник е на вљубените, рака под рака оди со истрајните. Среќата вдахновува, ги исполува сите скриени страсти кои живеат во човековото битие и на површина ги донесува убостите кои ја хранат човековата душа.

Заборавивме да се смееме

Среќни ли се луѓето денес во оваа наша Македонија, колку среќата е дел од секојдневието на човековото битисување, дали навистина ја практицираме и уживаме? Овие и други прашања поврзани за среќата, апропо меѓународниот ден посветен на среќата ни се наметнаа суптилно, но и намерно и секој од нас го ставија во позиција да размислува, длабоко да промислува за среќните луѓе денес, овде и сега. Воопшто не е едноставно да се одговори на овие прашања, напротив, длабока социолошка анализа е требна за да се даде соодветен одговор. Ако појдеме од една флоскула, насмевката како еден од симболите за среќа, може да се види дека се помалку таа ги краси лицата на луѓето. Заборавивме да се смееме, а ако се насмевнуваме тоа повеќе е усилено или од куртоазија, лицата веќе ја немаат таа блага насмевка која толку умешно ни го доловуваше ликот на среќниот човек.  Ако пак ја земеме категоријата задоволство од живот и работа, како друг критериум за среќни луѓе и тука може да ”паднеме на испитот”. Секој трет е сиромашен, незадоволен од работниот статус, изреволтиран од материјалниот бенефит, лут на неможноста да си ги покаже и докаже своите компетенции и квалитети.  Ако пак размислиме за поврзаноста на среќата со желбата за успех и можноста истиот тој да се оствари и личното задоволство од истите и тука постои морална дилема. Остварувам, но, под притисок, сакам да успеам, ама не можам да го сторам на мој начин, туку на начин кој ми е наметнат и туѓ, начин кој се коси со моралните скрупули на секое праведно општество. И овде среќата како категорија не заобиколува. И тогаш без двојба си го поставуваме прашањето мерлива ли е среќата кај нас, бидејќи ако е така, тогаш на скалата и на бројчаникот ќе биде ниско рангирана.

Таму каде што брат на брата му е непријател, таму нема среќа

Во општество во кое царува поделбата на мои и твои, на наши и ваши, на предавници и патриоти, во општество во кое секојдневно се соочуваме со проблеми во здравствениот систем, неверба во институциите, корупција, криминал, омраза и неправди на кило, во општество каде напредуваш исклучиво врз партиски заслуги, просперираш ако си лојален на партијата, уживаш благодети ако климаш со главата на лидерот, а сопствените ставови ги сметаш за небитни, во општество каде полтроните се на пиедесталот на великани, а искрените и праведните се маргинализирани и каде лојалноста се гледа исклучиво врз основа на партискиот дискурс, среќата е невидлива или далечна. Таму каде што болеста на дете е скоро последна работа, смртта на тинејџер е речиси небитна, таму каде што брат на брата му е непријател, таму каде што за пари се продава и сопствениот род, таму каде што неправдата станува закон, а отпорот не станува должност, таму каде што место под сонцето има за партиски подобните, е таму нема среќа. Таму има само обид за среќа, за жал неуспешен и таму среќата е недостижна категорија.

  А колку малку треба за повторно да ја издигнеме среќата на пиедестал на врвна вредност, навистина, треба само малку повеќе правда, демократија, свесност и совесност на носителите на јавни функции, доблесност, автономност, толеранција и живот подеднаков за сите граѓани...е тогаш ќе имаме благодарни насмеани лица, исполнети срца со љубов, чисти мисли и искрени, топли души. Толку малку е потребно за среќни луѓе...

Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД