20 Април, 2024
0.0342

СТАНОВИ: Никнуваат како печурки, цените бетонирани а ги плаќаме „пола“ живот!

Објавено во: Анализа 06 Септември, 2016

Добивај вести на Viber

Во главниот град станови никнуваат како печурки. Интензивно се гради и покрај големата понуда која ја има во моментов. Во време на презаситен пазар вообичаено е цените на станови да паднат, но кај нас ова правило како да се срами на излезе на површина од преголемата понуда.

По умереното зголемување на годишниот раст на цените на становите во првиот квартал од годината, во вториот квартал цените забележаа мало намалување, покажаа последните анализи на Народна банка на Македонија. Аналитичарите на централната банка пресметале дека индексот на цените забележал годишно намалување од 0,5 отсто, откако во претходниот квартал пораснале за 3,1 процент.

„Сепак, имајќи предвид дека во текот на претходната година, кај цените на недвижностите беа забележани мали поместувања во различна насока, тешко е да се заклучи дали оваа промена е од постојан или од привремен карактер. Во прилог на ова е и констатацијата дека по изразено надолниот тренд во претходните години, во текот на претходната година дојде до стабилизирање на цените на становите“, се наведува во најновиот квартален извештај на НБРМ.

Притоа, се констатира дека ако се анализираат понудата и побарувачката на недвижности, не би требало да се очекуваат позначителни промени.

„Кај изградбата на станбени згради и понатаму се забележува двоцифрена стапка на раст (просечна годишна стапка на раст на изградбата на станбени згради во првиот квартал на 2016 година од 19%), а слична динамика покажуваат и податоците за одобренијата за изградба на станови. Во поглед на побарувачката на станови, постојаниот солиден раст на станбените кредити продолжи и во вториот квартал на 2016 година, што упатува на натамошно зајакнување на побарувачката“, се забележува во извештајот.

Во кој правец ќе се движат понатаму цените на недвижнини, што се случува со пазарот и колку се гради во моментов ФАКТОР ги праша градежните фирми „Џевахир Холдинг“ и „Адора Инженеринг“.

Градежната компанија „Адора инженеринг“ во овој период во Скопје гради неколку објекти: маркантниот станбено-деловен комплекс Адора Flatiron Скопје, новиот, препознатлив урбан симбол во центарот на метрополата, кој е во напредна фаза на изградба на просторот познат како Стара Рампа, на границата меѓу Општина Кисела Вода и Центар, објектот за зелено домување Адора Diamond Garden во Општина Карпош  почнува да се гради на локацијата меѓу Студентскиот дом Гоце Делчев и Пазарот Тафталиџе, се довршуваат две згради на почетокот на Општина Аеродром, непосредно до меѓународната железничка и автобуска станица во Скопје, каде во план е изградба на уште еден објект во станбено-деловниот комплекс на овој простор, а интензивно се гради и Рекреаивниот комплекс Адора Илинден Скопје, Домот за живеење и нега „Втора младост“ во Општина Илинден, непосредно до Градот Скопје. По минатата 2015-та година, кога Адора инженеринг беше најголем инвеститор во високоградбата во Македонија, и оваа 2016-та продолжуваат со уште позасилено темпо во изградбата на станови на подрачјето на Скопје.

Од друга страна во моментот во изградба се веќе познатите Џевахир Скај Сити висококатници на „Џевахир Холдинг“ со капацитет од 1376 апартмани. Првата од четирите згради ќе биде официјално отворена во блиска иднина. Во склоп на Џевахир Скај Сити се гради и трговскиот центар по најсовремени високи стандарди со што ќе се заокружи изградбата на еден нов и модерен комплекс.

Во однос на понудата и цената и двете градежни компании посочуваат дека цената ја диктираат повеќе фактори

Д-р. Драгана Чифлиганец извршниот директор на „Адора инженеринг“ вели дека таа компанија на пазарот на недвижности нуди станови со висок квалитет според современите европски стандарди и актуелни трендови во домувањето, со докажана стабилност, иновативност во стилот и дизајнот, енергетски ефикасни домови А-класа со долгорочна економичност. Станбените објекти се со топлински, светлосен и звучен комфор, што се должи на новината во градбите-атриумите со стаклен покрив во нивната внатрешност,  низ кои се гледа сино небо и продира изобилство на природна светлина и свеж воздух во целите комплекси, со одлична термичка изолација која овозможува заштеда на енергија и трошоци за греење и ладење до 6 пати споредено со порано, здраво домување и заштита на животната средина од загадување. Новите објекти  се градат со повеќеслоен преграден ѕид со индекс на звучна изолација до 63 db, што е  80 % над македонските стандарди. „Сите станови од нашата понуда се со енергетска ефикасност А-класа, со екстериер и ентериер прилагоден на потребите и вкусот на станарите, со современи решенија и примена на најновите технологии, за квалитетено домување на повеќе генерации, со уредена околина, оплеменета со зелени еко појаси. Цената на становите зависи од повеќе фактори, локацијата, квадратурата, комодитетот, висината, начинот на плаќање и сл, за што со клиентите разговараме на непосредна средба, кога тие имаат можност од стручњаците во компанијата да ги дознаат сите детали за идниот дом, како најкрупна животна инвестиција со трајна вредност на долг рок“, додава Чифлиганец.

Од „Џевахир Холдинг“ како ексклузивност во модерниот начин на живеење пак велат дека се единствени кои со својата понуда за стан, во цената вклучуваат и целосно опремна кујна со бела техника и опремена бања. „Како дел од придобивките што се дел од цената вреди да се наброи и 24часовно обезбедување, систем за вентилација, ладење и греење, техничка поддршка и систем за комуникација во зградите, рецепсија и фоаје. Кога станува збор за цената, неа ја диктираат одлучноста при купување, а многумина од граѓаните приоритет ставаат на достапноста на станот според сопствените потреби и подобра функционалност во живеењето. Таа се формира во согласност од барањата и очекувањата на станарите, ама улога има и самата поставеноста на станот и неговата големина. Цените на становите во Џевахир Скај Сити варираат и се формираат преку разни промоции, почнувајќи од 799 евра за метар квадратен за становите од 103 м2 кои се сеуште дел од промотивната понуда“, посочија од оваа компанија.

Дали во скоро време граѓаните може да очекуваат пад на цените на становите поради зголемената понуда на пазарот на недвижнини?

„Доколку се следи движењето на цените на трошоците кои го одредуваат  формирањето на цените на становите, согласно перманентното зголемување на цените на градежното земјиште, енергенсите, градежните материјали, материјалите за изолација, иновативните технологии и современи решенија за проектирање, дизајн и изведување на станбените објекти, нема реална основа за намалување на цените на новите станови. Во Адора инженеринг особено внимание се обрнува на квалитетеот на станбениот метар квадратен, свесни за моралната одговорност која ја имаме градејќи домови, како сигурно и квалитетно место за живеење на повеќе генерации граѓани и нивните семејства. Доколку се внимава на квалитетот на домувањето и определбата за следење на иновациите во оваа сфера, со цел и македонските граѓани да ги уживаат долгорочните придобивки од домувањето според светските трендови и стандарди, тогаш цената од 1.150 евра за м² за висококвалитетен стан во центарот на Скопје, сметаме дека не е воопшто висока цена, туку напротив, таа е многу коректна цена за квалитетот што го нудиме. Од Адора инженеринг купувачите добиваат многу повеќе од дом, преку награди, интересни и корисни подароци, што е вредност плус за довербата, со купениот стан“, посочува д-р Драгана Чифлиганец.

Од  „Џевахир Холдинг“ пак дополнуваат дека имаат изработено долгорочна стратегија со цел да им обезбедат на купувачите  да добијат најмногу  и да ги заштитат нивните интереси. „Оваа стратегија е успешно базирана и имплементирана, во зависност од потребата и понудата на пазарот на недвижен имот“, посочија за нашиот портал од оваа компанија.

Дали секој граѓанин може да си дозволи да купи стан ?

Од погоре споменатите компании во однос на ова прашање велат дека самата идеја на „Џевахир Холдинг“ е достапноста и функционалноста на зградите и нејзиното опкружување. Становите се наменети за секој оној кој сака да си го олесни брзиот начин на живот и си ја подобри својата лична и професионална афирмација. Модерното живеење веќе е секојдневние во големите метрополи, а Џевахир Скај Сити сега тоа им го нуди и на граѓаните во Македонија, односно Скопје.

Од „Адора инженеринг“ пак велат дека градат и продаваат станови за различни категории граѓани, со што се трудат да ги задоволат сите потреби на купувачите со различни можности и вкус, со различна економска моќ и животен стандард.

„Становите кои ги изградивме во деветте згради во Ново Лисиче, Општина Аеродром, Скопје, беа по цена од 900 евра за м², поради локацијата, но квалитетот е стандардизиран, а унифицирана е и методологијата на градба. Енергетските сертификати, издадени од лиценцирани фирми за овие објекти покажаа А-класа со одлични перформанси, што е потврда дека нашите купувачи имаат ист третман без разлика каде купуваат стан. Становите во комплексот Адора со осум наши згради во Општина Аеродром, на само 10 минути пеш од строгиот центар на Скопје, се прифатливи од најшироката категорија граѓани. Најновите станови во објектите Адора Flatiron во урбаното срце на Скопје и Адора Diamond Garden во Карпош, Тафталиџе, се истакуваат со современ стил и иновативен дизајн со што го задоволуваат вкусот на граѓаните кои сакаат да домуваат во современи објект со многу природна светлина и свеж воздух, со многу зеленило и елементи кои му даваат уникатност и интимност на домувањето.  Овие станови се со прекрасен панорамски поглед, со звучна изолација многу подобра од македонските стандарди, со квалитетни решенија кои ги има во развиените земји, за што се заинтересирани граѓаните кои се запознаени со современите трендови во домувањето, кои знаат што значи долгорочно квалитетно домување и кои се свесни дека ваков дом со светски квалитет кај нас можат да купат по доста поприфатливи цени од цените на квалитетените недвижности во развиениот свет. Нашата определба е да градиме и нудиме станови за сите социјални слоеви, поради што од самиот почеток го поддржавме и проектот Купи куќа, купи стан, со кој голем број граѓани купија стан од нашата компанија со субвенции од државата“, дополнува извршниот директор на Адора Инженеринг.

Скопје меѓу најевтините градови за купување стан на Балканот, но со најтешки услови за враќање на станбениот кредит

Со 100.000 евра во центарот на Белград можете да купите стан од 55 квадратни метри, покажа едно неодамнешно истражување според кое главниот град на Србија е меѓу најскапите во регионот кога станува збор за цената на квадрат станбен простор (1.800 евра/м2).

Сепак на самиот врв на листата е Љубљана во која квадрат станбен простор чини 2.600 евра, односно со 100.000 евра можат да се купат едвај 38,4 метри квадратни.

Веднаш зад Љубљана на листата е Загреб, каде со 100.000 евра ќе купите стан 43 метри квадратни, бидејќи цените се движат околу 2.300 евра за м2.

Скопје е кон крајот на листата – со цена од 1.250 евра за м2 во центарот на градот, за 100.000 евра можете да купите стан од 80 м2. Единствено поевтина е Бања Лука, каде за истата сума ќе добиете пет квадрати повеќе.

Но, сосема поинаква слика се добива ако се видат податоците за годините потребни за исплата на станот. Така, на Словенците, за да го исплатат станот од 38,4 м2 им се потребни само 8 години и 3 месеци, затоа што просечната плата им е 1.000 евра. Тоа е под услов целата плата да ја троши за исплата на станот. Хрватите истата сума ќе ја покријат за 11 години и 5 месеци (со плата од 720 евра).

Македонците од целиот регион убедливо најдолго ќе го отплаќаат станот од 100.000 евра – мора да работат цели 25 години и 2 месеци, повеќе дури и од жителите на Република Српска, на кои за отплата на поголем стан им се потребни 19 години и 3 месеци.

Тоа е затоа што платата на Македонците е најниска 22 187 или  околу 357 евра.

И.С.